ПОВЕЌЕ

    СО РЕГИОНАЛНА СОРАБОТКА ЗА ОПШТИНИ БЕЗ ДИВИ ДЕПОНИИ: Во Скопје одржан форум за регионалниот систем за управување со отпад за Пелагонискиот и Југозападниот регион

    Време зa читање: 4 минути

    Форумот „Заедно за регион без отпад: кон функционален и одржлив регионален систем“, посветен на унапредување на регионалниот систем за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион се одржа денеска во Скопје во организација на проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво“, финансиран од Шведска и имплементиран од шведската организација SALAR International. Како што беше истакнато на денешниот настан, форумот, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС, претставува значаен чекор кон воспоставување модерен, функционален и одржлив систем кој ќе обезбеди поквалитетни услуги за граѓаните и повисоко ниво на заштита на животната средина. Притоа, конкретните чекори кон одржливото управување со отпад, вклучително и регионалното планирање, инвестициите и инфраструктурата, институционалната и меѓуопштинската координација, како и вклучувањето на граѓаните во процесите, беа дел од темите на денешниот регионален форум.

    „Шведска ја подржува Македонија во нејзините реформи, а важен сегмент е и одржливото управување со отпад, кое не е само техничко прашање бидејќи го допира и јавното здравје и животната средина, довербата во локалната власт, но и важен чекор на вашиот пат кон Европската Унија“, рече амбасадорот на Кралството Шведска, Ола Солстром, и додаде: „Кога системот за управување со отпад добро функционира, никој не го забележува, но кога не е добар, страда природата, луѓето, на сите им пречи“.

    Подолго време работиме на процесот на воспоставување систем за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион и се надеваме дека годинава и ќе го завршиме, рече Ане Лашкоска, заменик-министерка за животна средина и просторно планирање. „Регионалниот план за управување со отпад не е само административна обврска туку клучна алатка за решавање на еден од најгорливите проблеми во нашите општини – нелегалните депонии, недоволната инфраструктура и ограничените ресурси не можат да се надминат ефикасно без регионалниот пристап за поефикасна услуга на граѓаните и подобра заштита на животната средина. Ова е инвестиција во иднината на нашите локални заедници“.

    Лашкоска нагласи дека условите за реализација на квалитетното регионално управување со отпадот се поставени, државата има обезбедено средства како што е заемот од ЕБРД и грантовите од партнерските држави, меѓу кои и Шведска. „Ако во минатото недостасуваше механизација, сега ја имаме на терен, до крајот на годинава сите општини ќе бидат опремени со потребните возила, имаме и координација и акција на општинско ниво“.

    „Пред осум години Владата побара од општините да ја предадат изградбата на регионални депонии на централната власт, но ниту по цели осум години уште не видовме отворена депонија. Се надевам дека овој пример, кој опфаќа два региона, Пелагонискиот и Југозападниот, ќе биде модел кој ќе се примени и на останатите региони, па низ државата да имаме депонии со сите стандарди и отпад кој се рециклира“, рече Душица Перишиќ, извршната директорка на ЗЕЛС.

    Рајан Нокс, извршниот директор на SALAR International ја пофали подготвеноста за соработка на локалните самоуправи од двата региона и најави дека сега доаѓа потешкиот дел односно изработка на планот за управување со отпадот за 2027-2032 година и неговата реализација. „Се наоѓаме на критична пресвртница во изградбата на систем за управување со отпад, сега доаѓа на ред имплементацијата „Секое натамошно одложување чини пари, а заедничка акција на општините е и финансиски поисплатлива отколку поединечните напори“, додаде тој.

    Со реализацијата на регионалниот центар за управување на отпадот во двата региона, кој треба да биде изграден на територијата на Општина Новаци, треба да бидат опфатени 18 општини и 350 илјади жители. На територија на нашата општина се наоѓа и најголемиот енергетски капацитет во државава, воедно и загадувач, РЕК Битола, а во неговата околина, каде што е деградирана почвата треба да биде изграден идниот центар, појасни Стевче Стевановски, кој е градоначалник на Новаци, а воедно и претседател на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад, додавајќи дека се надева оти ќе бидат генерацијата која ќе ги направи промените за следните генерации.

    На форумот учествуваат и градоначалници од Пелагонискиот и Југозападниот регион, претставници на општините, јавните комунални претпријатија, граѓански организации, како и претставници на меѓународната заедница и експерти од регионот и Шведска.

    Ј.Д.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично