ПОВЕЌЕ

    ПОЧНУВА РЕКОНСТРУКЦИЈА НА УНИВЕРЗАЛНА, треба да биде готова до 2028 година

    Време зa читање: 3 минути

    Почнува реконструкцијата на Универзалната сала во Скопје, најави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски по денешната обиколка на локацијата каде пред три години изгоре за генерации Скопјани култниот објект на салата, кој беше во фаза на обнова заедно со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за култура Зоран Љутков. Реконструкцијата е планирано да заврши до април 2028 година, односно за точно две години.

    „Очекувам во рамките на рокот да биде завршен овој објект бидејќи проектот „Европска престолнина на културата“ после сите оние застои во минатото, конечно добива на некаква динамика, а мораме до 2028 комплетно да ги затвориме сите објекти. Така што еден од тие објекти е и овој позади нас“, најави Мицкоски на денешната обиколка.

    „Јас сум благодарен од мое име, од името на граѓаните на Градот Скопје што овој објект после сите оние перипетии од минатото ќе добие некаква физиономија. Според она што го видов и што го презентираше проектантот ќе биде навистина прекрасно дело. Па, ајде да не зборуваме што се вели пред време, да го завршиме и потоа сите заедно да се радуваме и уживаме во културните настани коишто тука ќе се организираат“, изјави премиерот Мицкоски.

    „Ова е момент кој Скопје долго го чекаше. Премногу време овој процес беше закочен, премногу време стоеше во место, а Скопјани останаа без еден од најпрепознатливите симболи на градот“, напиша Ѓорѓиевски на својот Фејсбук-профил, потсетувајќи дека Универзалната сала е спомен на солидарноста, на пријателството и на човечноста, изградена по разорниот земјотрес како доказ дека Скопје никогаш не било само и дека секогаш знаело да се издигне.

    Според градоначалникот на Скопје, проектот за реконструкција на Универзалната сала ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, со што се обезбедува целосна изведба и подготвеност за употреба без дополнителни интервенции. Реконструкцијата е планирано да заврши до април 2028 година.

    Овој проект претставува еден од клучните чекори во подготовките на Скопје за освојување и достојно носење на престижната титула Европска престолнина на културата 2028.

    Со обновениот изглед, Универзалната сала ќе прерасне во модерна, функционална и репрезентативна културна институција, способна да биде домаќин на врвни театарски претстави, концерти, фестивали и други значајни културни настани.

    Скопскиот градоначалник им се заблагодари на премиерот Христијан Мицкоски и на министерот за култура Зоран Љутков за силната поддршка, визијата и одлучноста овој проект конечно да се придвижи, како и за конкретниот придонес во реализацијата на оваа важна инвестиција за Скопје и за македонската култура.

    „Универзалната сала е дел од колективната меморија на нашиот град. Тука се одржувале концерти, фестивали, претстави и настани кои оставиле трага во животот на многу генерации. Речиси секој скопјанец има свој спомен поврзан со ова место. Затоа нејзината обнова не значи само реконструкција на една зграда, туку враќање на еден важен дел од душата на Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.

    (Фото: Фејсбук профил на Орце Ѓорѓиевски)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично