ПОВЕЌЕ

    Задоволни „алкалоидовци“, врвни резултати – Што сѐ добиваат вработените во „Алкалоид“?

    Време зa читање: 3 минути

    Задоволни вработени, повисоки резултати – е општопознато правило во деловниот свет, кое не секаде има, ако не максимална, барем делумна примена. Но, тие што се раководат според овој постулат, се означуваат како најпосакувани работодавачи. На вработените им обезбедуваат врвни услови за работа, можности за равој и усовршување, солидно здравствено осигурување, бонуси, плати кои го вреднуваат и стимулираат трудот…

    Сето тоа, а и нешто плус, на своите кадри им го обезбедува скопски „Алкалоид“, кој во Македонија, во областа на фармацијата, се посочува како компанија во која многумина би сакале да се најдат на списокот на вработените. Таква шанса минатата година добиле 232 лица. Успехот на фармацевтскиот гигант засега е во рацете на 2.843 вработени – 2.155 во земјава и 688 ангажирани во капитално поврзаните друштва во странство.

    Грижата е двонасочна, колку што тие се трудат за достигнувањата, толку „Алкалоид“ им возвраќа. За потсетување, минатата година доби признание за компанија со најдобро имплементиран систем за безбедност и здравје при работа, доделено во рамките на Европската недела посветена на таа проблематика.

    На што може да се надеваат „алкалоидовци“?

    Од компанијата велат дека работната средина е поттикнувачка. Овде работат и придонесуваат професионалци. „На своите вработени секогаш се трудиме да им обезбедиме постојано подобрување на работното опкружување за да се чувствуваат ценето и вреднувано“. Ги прашуваат и можат да кажат дали се (не)задоволни. Редовно се мери задоволството на вработените, чии предлози се прифаќаат и имплементираат.

    Процесот на работата бара нови знаења и вештини, па компанијата располага со годишен наменски буџет за едукација и стручно доусовршувања на вработените. Се одржуваат тим билдинзи на сите организациски единици, има и можности за кариерен развој преку различни програми. Во тренинг центарот со тренинг лабораторија, освен на вработените, шанса за едукација им се дава и на студентите и на учениците од програмата за млади таленти.

    Здравјето пред сѐ. Доброволно приватно здравствено осигурување со вклучени дополнителни превентивни здравствени прегледи се обезбедени за вработените, заедно со посебни поволни услови за членовите на нивните семејства.

    Кога се работи за семејствата, има бенефиции за децата на вработените. Се состои од субвенциониран износ наменет за воншколските активности. Се даваат подароци за секое новороденче и новогодишни пакетчиња за децата на вработените.

    Нешто и за платите.

    Примањата на вработените годишно се зголемуваат според официјалните економски показатели и инфлацијата. Се исплатува новогодишен линеарен надомест за секој вработен, како и регрес за годишен одмор, во износ поголем од законскиот минимум. На пример, „алкалоидовци“ лани во март добиле К-15 од 36.500 денари, а во декември новогодишните 34.000 денари. Покрај тоа, следуваат награди за лојалност и за други заслуги предвидени во правилникот за наградување. Исто така, и дополнителни надоместоци за вклученост во успешно завршени интерни проекти.

    Меѓу погодностите се вбројуваат: плаќање на рати во десетици компании и повластени ценовни политики за членовите на синдикалната организација при „Алкалоид“; спортски активности со бесплатно користење спортски сали во одредени термини; кафетерија во рамки на компанијата; паркинг за велосипеди и мопеди; организиран превоз за дел од вработените; избор на храна во објектите каде шти има организирана исхрана, а тие кои не ја користат оваа можност добиваат хранарина, односно соодветен паричен надомест.

    Резултатите од задоволството на вработените се видливи: извоз 183,9 милиони евра, инвестиции 28,3 милиони евра, добивка 24,7 милиони евра.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично