На трети мај во сабота, во 18.50 часот ќе полета првиот авион на Визер од Скопје до Барселона, со што стартува обвновената авио-линија на таа релација. Летови ќе има двапати неделно, во вторник и во сабота. Три лета седмично – во вторник, четврток и сабота ќе има до францускиот град Лион. Ова е првото авионско поврзување на двата града. Летовите се со финансиска поддршка од Владата.
„По тригодишна пауза пак ги поврзуваме Скопје и Барселона по воздушен пат. Враќањето на оваа линија е резултат на заедничка визија, соработка и силна заложба од страна на нашите партнери Владата и Визер”, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, кој верува дека авиолинијата ќе биде уште попопуларна и ќе има поголем број патници од пред три години.
За возобновениот лет ТАВ Македонија и Визер доделуваат два наградни билети, кои добитниците, чии имиња ќе бидат објавени утре на социјалните медиуми Фејсбук и Инстаграм, ќе можат да ги искористат на трети мај.
Новина е летот за Лион, според Курт, прекрасен град под заштита на УНЕСКО.
„Кон Лион воспоставуваме три летови неделно, во вторни, четврток и сабота, што значи дека можете да го организирате времето и да останете во овој преубав град подолго или покусо“, вели Курт, додавајќи дека таму се атрактивни угостителските објекти наречени бушон, кои се „нешто како нашите балкански кафеани, но малку поразлични“.
Исто така, првиот човек на ТАВ Македонија информираше дека во план се дестинациите на шпанското и на италијанското крајбрежје. Има можност и за реобновување на авиолинијата кон Ларнака во Кипар, но и директни линии до Прага и Мадрид.
Не е извесно кога ќе почне реализацијата на летот од Скопје за Дубаи, откако беше одложен закажаниот термин за 30 март. Се чека на одлука од Флај Дубаи, од каде што до Министерството за транспорт и врски доставиле барање за пролонгирање на линијата.
Воедно, по посетата на владината делегација на ОАЕ беше најавено дека се преговара за поврзнување на Охрид со Абу Даби. Летовите би ги извршувале Емирејтс или Ер Арабија.