ПОВЕЌЕ

    Владата бара решение за бугарската такса, ако не најде струјата и парното ќе поскапат за 20 насто

    Време зa читање: 2 минути

    Бугарија од денес почнува со наплатата за рускиот природен гас кој „Гаспром“ преку „Булгаргас“ ќе го дистрибуира во Македонија, Србија и Унгарија. Со што електричната енергија и парното греење ќе станат поскапи, ако во меѓувреме не се најде друго решение. Владата не се откажува од барањата за ослободување на капацитетите за гас, а воедно инсистира таксата да не важи затоа што е неправедно наметната и нема ништо заедничко со пазарните принципи и со директивите на ЕУ, вели премиерот Димитар Ковачевски, кој не ја исклучува можноста за обраќање до меѓународните судови.

    „Тоа значи дека ваквата такса ќе предизвика зголемување на цената на електричната енергија и на затоплувањето кај нас за 20 проценти. Затоа побаравме да се ослободи капацитет за да може Северна Македонија да набавува гас од други извори, што нема да биде руски, и со тоа нема да биде оптоварен со оваа дополнителна такса. Во моменот се водат разговори и на ниво на Европската унија и со Бугарија, со соодветното министерство, за да може ова да биде направено. Минатата година успеавме заедно со Европската комисија и Бугарија да ослободиме капацитет за набавка на гас што не е исклучиво во сопственост на ‘Гаспром’ и се надевам дека и годинава ќе успееме да го направиме тоа“, посочи премиерот.

    Бугарија има право сама да одлучи како ќе ги користи приходите што ќе ги остварува од наплатата на таксата за транзит на увезениот руски гас низ бугарска територија, е ставот на ЕК што го пренесе портпаролот на Европската комисија за климатска акција и енергија, Тим Мекфи.

    „Таксите што ги наплаќа Бугарија за транзит на рускиот гас за Србија, Унгарија и Северна Македонија се национална мерка и затоа право на Бугарија е да одлучи каде ќе ги насочи приходите“, наведе портпаролот.

    Таксата што ја наметна источниот сосед е 10 евра за мегават час, при што очекува годишен приход од 1,2 до 1,5 милијарди евра кои, според неодамнешната изјава на бугарскиот премиер, би можеле завршат во Буџетот на ЕУ.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично