борис трајковскиСпортскиот центар „Борис Трајковски“ во наредните три години ќе го носи препознатливиот магента идентитет на Македонски Телеком. Компанијата ќе инвестира до 1,45 милиони евра за брендирање на салата и за придружни комуникациски активности, согласно договорот потпишан со државното друштво што управува со спортскиот центар.
„Со Одлука на Одборот на директори на Македонски Телеком донесена на вонредниот состанок на 21.04.2026 година, одобрено е склучување Договор за соработка за брендирање на Спортскиот центар ‘Борис Трајковски’ Скопје со Друштво за изградба, управување и издавање на повеќенаменска сала Борис Трајковски ДООЕЛ Скопје, како зделка со заинтересирана страна, со оглед дека Владата на Република Северна Македонија како акционер кој поседува повеќе од 38% од вкупниот број на акции со право на глас издадени од Македонски Телеком е основач на компанијата“, се вели во известувањето за зделка со заинтересирана страна, што Телеком го сподели преку Македонска берза.
Покрај поставувањето на визуелниот идентитет на Телеком, договорот потпишан на 8 јули предвидува и комуникациски активности поврзани со промоцијата на спортскиот центар.
„Овој договор е склучен на ден 08.07.2026 година за период од 36 месеци, при што надоместокот за остварена деловна соработка е во вредност до 720.000,00 евра. Македонски Телеком обезбедува и дополнителни средства за брендирање и спроведување на комуникациски активности поврзани со реализацијата на Договорот. Со тоа, вкупната инвестиција… изнесува до 1.450.000,00 евра“, посочуваат од компанијата.
Според известувањето, договорот ќе важи три години, а деталите за обемот на брендирањето и конкретните активности не се наведени.
Аналитика








