
Додека светот сè уште ги чувствува последиците од трговските судири меѓу Вашингтон и Пекинг, американскиот претседател Доналд Трамп отвори нов фронт – овојпат насочен кон земјите што сакаат да ги оданочуваат приходите на американските технолошки компании. Со порака дека ќе возврати со царини од дури 100 проценти, Трамп испрати предупредување дека САД нема да дозволат, како што оценува, дискриминација на своите дигитални гиганти.
Во објава на социјалните мрежи, Трамп порача дека секоја држава која ќе воведе данок на дигитални услуги за американски компании веднаш ќе се соочи со царина од 100 проценти за целокупниот извоз во Соединетите Американски Држави.
„Ова нека биде предупредување дека секоја земја што ќе воведе таков данок веднаш ќе биде пресретната со 100-процентна тарифа за секоја стока што ја извезува во САД“, напиша американскиот претседател.
Тој додаде дека оваа мерка ќе има предност пред сите претходно договорени трговски договори и ќе се применува кон секоја земја што ќе продолжи со оданочување на американските технолошки компании. Иако не наведе конкретни држави, во објавата посебно ги посочи европските земји, за кои рече дека се подготвуваат наскоро да воведат вакви даноци.
Заканата доаѓа во чувствителен момент за трансатлантските односи. На 4 јули истекува рокот поставен од Трамп за почеток на спроведување на новиот трговски договор меѓу САД и Европската Унија, со кој царините за поголемиот дел од европскиот извоз се ограничуваат на 15 проценти. Но, прашањето за оданочувањето на дигиталните услуги остана надвор од договорот и продолжува да биде една од најголемите точки на несогласување меѓу двете страни.
Од Европската комисија веднаш реагираа дека евентуални еднострани мерки од Вашингтон нема да останат без одговор.
„Едностраните мерки насочени против легитимните политики на Европската Унија се неоправдани. Доколку бидат преземени такви чекори, ЕУ ќе реагира брзо и решително за да ги заштити своите права и регулаторната автономија“, изјави портпаролот на Европската комисија, Олоф Гил.
Тој нагласи дека даноците за дигитални услуги не се насочени кон американските компании, туку се применуваат еднакво за сите големи технолошки компании, без оглед на нивната земја на потекло.
Прашањето за дигиталното оданочување веќе неколку години е предмет на спор меѓу САД и европските држави. Европските влади сметаат дека големите технолошки компании остваруваат значителни приходи на нивните пазари, но плаќаат релативно малку данок бидејќи профитот го прикажуваат во земји со поповолни даночни режими.
Еден од најпознатите примери е Велика Британија, која уште од 2020 година применува данок од два проценти на приходите што ги остваруваат големите пребарувачи, социјални мрежи и онлајн пазари од британските корисници. Британската влада тогаш образложи дека традиционалните правила за корпоративно оданочување не го следат начинот на кој дигиталните компании создаваат вредност и заработуваат на странските пазари.
Трамп, пак, со години тврди дека ваквите даноци претставуваат директен напад врз американските технолошки компании. Уште минатата година предупреди дека дигиталните даноци и регулативи се креирани за да ѝ наштетат на американската технологија, а американската администрација претходно покренуваше истраги против ваквите мерки според Законот за трговија.
Засега останува нејасно како Белата куќа практично би ја спровела најавената мерка и дали евентуалните царини би биле воведени кон сите земји што применуваат дигитален данок или само кон одредени држави. Но, пораката од Вашингтон е јасна – спорот околу оданочувањето на технолошките гиганти може да прерасне во нова трговска конфронтација меѓу САД и нивните најважни сојузници.
Аналитика








