Алчноста многу често ја поврзуваат и со себичноста, а што е најважно, алчноста не прави разлика помеѓу богати и сиромашни, етничка, религиска или каква било друга припадност.
Во ова време на конкурентско општество, најголемиот број луѓе се насочени како побргу да стигнат до врвот, како да бидат побогати, како да имаат поубаво место за живеење и сето тоа без разлика на последиците и како тоа ќе влијае на другите. И трагедијата да биде поголема, тие луѓе ги идеализираме и сите сакаме да бидеме како нив, а длабоко во себе, сите ние не сме такви.
Но, дали е добро тоа? Еве ви неколку карактеристики на алчни луѓе, па сами проценете дали сте вие такви и дали е добро да сте алчен или не.
Се преправаат – додека другите работат со избезумено темпо, себичните луѓе работат напорно за да избегнат воопшто да работат. Тие ги поминуваат деновите поместувајќи купишта хартии на нивната работна маса, додека ги гледаат сите други како лудуваат. Сепак, кога работата е завршена, можете да се обложите дека тие ќе бидат први во редот да ги бараат наградите за вложениот напор (од некој друг).
Само за мене – речиси секогаш сите заслуги ги земаат за себе, нормално за успешно завршената работа, а ако не е успешно завршено, тогаш веднаш не се дел од тимот. Дополнително на тоа, карактеристично е за некои менаџери и управители на фирми, да има за нив екстра бонуси и покачувања на плати, додека за сите други, било тешка година.
Поддршка – сè додека тоа не влијае врз нив, ја имате нивната поддршка во која било одлука. Алчните луѓе имаат силно мислење за проблемите, но очекуваат другите да ги преземат товарите. За нив е ОК да се зголеми данокот, сè додека тоа не влијае на нивниот личен профит или да се намалат платите на сите, освен нивните, бидејќи сме во тешка година и треба сите (нормално без нив) да сме свесни за тоа. Или во општа пракса, поддржуваат војни, сè додека нивните деца не треба да бидат испратени!
Повеќе и повеќе – они се во првите борбени редови кога треба да се бара повеќе за нив, но кога треба тие да дадат нешто, тогаш или ги нема никаде (не се присутни на тие настани) или воопшто не зборуваат. За нив постои само концептот на награди, но не и на казнувања. За нив постои (го паметат) само она што на нив им одговара од договорот, но не постои (веднаш го забораваат) она што е договорено од сите инволвирани страни, она што они треба да го дадат од себе!
Земаат сè што им се нуди – земаат сè што е понудено, иако за тоа и немаат потреба, иако знаат дека можеби е тоа на штета на своите пријатели и колеги, па и на останатата популација. Едноставно сметаат дека сè што е понудено е и за нив иако за тоа и немаат потреба.
Дупки во системот – бараат дупки во системот, за лична корист. Ќе пробаат да избегнат плаќање на данок, а ќе бидат најгласни дека другите не го плаќаат. Не го почитуваат системот, а од него го бараат најубавото за нив.
Уништување на туѓата самодоверба – некои луѓе го вадат најдоброто од кај другите, додека себичните луѓе се фокусираат на себеси. Алчните луѓе се чувствуваат подобро со уништување на самодовербата кај другите отколку со помагање да се чувствуваат пријатно и тоа што го прават да добие некаква заслуга.
Крадење од иднината – алчните луѓе се грижат само за своите потреби и проблеми и воопшто не ги интересира тоа што решавањето на нивниот проблем има негативни последици врз еден, двајца или повеќе луѓе. Наместо да ја решаваат основната причина на проблемот, тие го решаваат проблемот на штета на сите други, освен на нив.