ПОВЕЌЕ

    TOW – Треба

    Време зa читање: 4 минути

    Зборот „треба” треба да се извади од нашиот речник!

    Треба да се исчисти ѓубрето!
    Треба да се средат дупките на улиците!
    Треба да се подобри економската ситуација!
    Треба да се инвестира во спортот и културата!
    Треба да има повеќе дрвја, зеленило и паркови!
    Треба да живееме во соживот!
    Треба да се подобрат правата на загрозените!
    Треба да бидам на диета!
    Треба да вежбам!
    Треба да бидеш добар со постарите!
    Треба да се почитуваат луѓето меѓу себе!
    Треба да се развие туризмот!
    Треба да се подобри јавната администрација!
    Треба подобро да ги извршувам работите!
    Треба да се стимулираат start-up’s!
    Треба да се подобри образовниот систем!
    Треба подобра кариерна насоченост за младите!
    Треба да се развијат и другите помали градови во МК!
    Треба кафeаните да имаат подобра услуга!
    Треба да се подобри општата култура!
    Треба да се направи ова, треба да се направи она!

    (дел од овие точки ги добив од моите колеги, кои исто така имаат големо искуство во познавање на сè што „треба” да се направи).

    Многу често со пријатели, соработници или колеги знаеме да дебатираме, а посебно со пријателите во кафеана, после 3-та ракија, на тема, што сè „треба” да се направи. Од наш личен аспект, од аспект на фирмите/компаниите, од аспект на вработените, менаџерите, од аспект на државата, од аспект на владата, од аспект на градоначалникот, од аспект на училиштето итн., итн.

    Сите ние знаеме како треба. Сите имаме свое мислење и став за тоа како да се направат работите подобро или како да се промени нешто кое ќе донесе подобри резултати. Посебно ова се однесува за муабетите што се водат во кафеана, после 3-та ракија. Но, иако сите зборуваме, се надвикуваме, надмудруваме и се правиме паметни, во суштина ништо не се случува или менува. Единствено што може да се добие од тие дебати е само да се наполни нашето его, ако успееме да го надмудриме нашиот соговорник со по генијална идеја за тоа што „треба”.

    Мора или треба да сфатиме дека сите реченици кои почнуваат со „треба” треба да ги нема во разговорите. Сите знаеме што треба и како треба, а никој ништо не прави околу тоа. Она што сум го сфатил од мое искуство е тоа дека, ако сам не ја завршиш работата нема кој друг да ја заврши. И, не барајте од другите тоа да го направат. Ако сакате нешто да промените ангажирајте се сами и самите направете го тоа. Ако државата, владата, комшијата, менаџерот, пријателот или кој било друг одговорен за да го направи тоа што „треба”, го направи, супер, но ако не го направат тие, направете го вие самите. Колку можете, што можете!

    Пријателите често знаат да искоментираат за начинот на работа на политичарите и сите политички структури што поминале од настанокот на ова наше државиче, и постојано ги критикуваат нивните постапки и политики. Но, јас секогаш им одговарам, ако не ви се допаѓа, што не влеговте вие во политика и да ни покажете на сите како треба/ло да се направи?

    Да престанеме веќе со мудрување и да се фатиме за работа. Еден соработник од Ирак, кој живее во МК, еднаш ми кажа: Имате преубава држава која има многу да даде, но и во која многу треба да се работи. Но, не може да чекате некој друг тоа да го направи за вас, туку мора вие индивидуално или здружно да ги промените работите.

    Користете го зборот „треба” што помалку, а наместо него, кажете „јас го направив ова и она и на тој начин влијаам на подобрување на општата состојба во државата”.

    „Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат на www.pari.com.mk во соработка со www.tipoftheweek.co обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење. Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој:

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично