Денеска – 14 февруари, денот кога се слави Свети Трифун – празникот на виното и лозјето, воедно се слави и Свети Валентин. Во последните две децении Свети Валентин, како празник на љубовта и заљубените масовно се одбележува и кај нас. Додека повозрасните верници го слават Свети Трифун – заштитникот на лозарите, и традиционално масовно се закројуваат лозјата поради верувањето – да има богат род, младите, сепак, го слават Свети Валентин – Денот на вљубените.
И ако во виното e вистината, тогаш во љубовта е иднината. Младите повеќе значење даваат на Свети Валентин, а подароците се неизбежен дел на овој ден, тие ја симболизираат љубовта која треба да трае.
Комерцијализација или искрена причина за славење на Свети Валентин, како и да е, притиснати од секојдневнието, младите бараат оддишка во виното и љубовта. Тие освен што делат насмевки и внимание, купуваат и подароци за љубените.
Излозите на продавниците се обоени во црвено, во поголемите маркетите низ цели рафтови има мечиња, срциња, балони, декорирани чаши. Цвеќарниците изобилуваат со куп прекрасни цветни аранжмани.
Порталот Пари прошета низ главниот град, поразговара со неколку трговци од цвеќарници, книжарници, маркети, продавнички од кондититорската индустрија, па дури и во златарниците каде што заклучувме што најмногу граѓаните купуваат за овој ден.
Во една од најслатките продавници во Скопје сѐ е во знакот на Свети Валентин, а за овој убав празник имаат и специјална понуда, чоколади со бадеми или брусница во форма на големо срце. Продавачката ни откри дека во овие денови е зголемаена продажбата, се купуваат чоколадните срценца, вели за девојките се купуваат црвени, а за момчиња во златна и сребрена боја, се прават комбинации од чоколадо и вино, се подготвуваат букети од бонбони.
Цвеќе, чоколади/слатки или букети од бонбони и кадифени мечиња се најчестите избори за подароци за Денот на вљубените, бидејќи сепак станува збор за помладата популација. Поскапите подароци како што велат трговците остануваат за повозрасните кои ретките се тие што го празнуваат овој ден. Од златарниците се жалат дека младите скоро и да не купуваат златен накит за подарок за Свети Валентин.
Од цвеќарниците ни велат дека најчест подарок за девојките е црвената роза.
„Од година во година сѐ повеќе се продаваат цвеќиња, па затоа продавниците и изобилуваат со секаков вид на цвеќе, иако околу 70 отсто од купувачите бараат рози. Можете и самите да видите дека на штандовите има најмногу рози, бидејќи тоа се бара денес. Младите секоја година помасовно го прославуваат Свети Валентин.“, изјави една од вработените.
Од цвеќарниците велат дека неколку недели пред 14 февруари, огромна тура од рози се порачани од големите светски оранжерии до пазарите, а испораките се барем 5-6 пати поголеми од стандардните.
„Денот на вљубените, како и 8 Март е наша финансиската жетва, но освен за празници, кога се купуваат букети, граѓаните сѐ помалку практикуваат да купуваат цвеќиња“, велат продавачите на цвеќиња.
Некои од граѓаните, особено оние повозрасните купуваат и парфеми, велат вработените во парфимериите.
Се распрашавме и во книжарниците, со цел колку граѓаните подаруваат книги за Свети Валентин, но оттаму ни рекоа дека книгата не е прв избор за подарок, па во книжарниците деновиве немало врвулица и интерес како во цвеќарниците.
Многумина двата празника ги спојуваат во едно – со својот партнер, подарок и вечера со вино.
Скопските кафулиња и ресторани се подготвени за вечерашната прослава и во нив речиси да нема место од примените резервации.
Кај дел ќе се слави Валентин, а во други – Трифун. Оттаму велат дека онаму каде што има помлади, сакаат да излезат во пресрет и го одбележуваат празникот Свети Валентин.
Прашавме повозрасни граѓани за нивни размислувања во однос на прославата на Свети Валентин, тие сметаат дека празникот на љубовта, односно католичкиот Валентин, во Македонија се слави исклучиво од помодарство и дека според обичаите, традицијата и религијата денеска треба да се слави заштитникот на лозарите.
Скопјани поделени околу празниците, некои ги пратат западните трендови и денеска ја слават љубовта, а други, ја други ја продолжуваат македонската традиција – ги закројуваат лозовите насади и вечерва ќе уживаат во квалитетно македонско вино.
К.М.