ПОВЕЌЕ

    „Телеграф“ открива: Шестцифрена исплата од УЕФА за жена поврзана со Инфантино

    Време зa читање: 3 минути

    Нови наводи го зголемуваат притисокот врз претседателот на ФИФА, Џани Инфантино. Британскиот „Телеграф“ објави истрага во која тврди дека УЕФА исплатила шестцифрена сума на жена со која Инфантино, наводно, бил во љубовна врска во периодот кога бил генерален секретар на европската фудбалска организација.

    Инфантино ги отфрла наводите како невистинити, додека УЕФА потврди дека на жената ѝ била исплатена сума при заминувањето од организацијата, како и дека биле покриени трошоците за нејзините МБА-студии. Организацијата тврди дека исплатите биле во согласност со правилата што важеле во тоа време.

    „Исплатата беше во согласност со правилата што постоеја во тоа време за вработените кои заминуваат“, соопшти портпарол на УЕФА за „Sky News“.

    Од УЕФА додаваат дека по 2016 година правилата биле заострени и дека сегашните правила што се применуваат за вработените „го одразуваат стандардот што се очекува од модерна организација со висок профил“.

    Според „Телеграф“, жената во УЕФА првично работела на административна позиција, а подоцна напредувала во организацијата во периодот кога, според извори на весникот, била во наводна врска со Инфантино. Весникот тврди дека таа била унапредена и дека добила зголемување на платата.

    „Телеграф“ наведува дека наводната врска предизвикала загриженост кај дел од луѓето во УЕФА и дека за случајот бил информиран тогашниот претседател на организацијата, Мишел Платини.

    Според сведоштва до кои дошол британскиот весник, Платини разговарал со Инфантино за ситуацијата. „Телеграф“ објавува и тврдења на извори според кои Инфантино бил ставен пред избор за тоа кој треба да ја напушти организацијата. Платини не одговорил на прашањата на „Телеграф“ за овој случај.

    Портпарол на ФИФА за „Sky News“ изјави дека Инфантино „категорично ги негира“ обвинувањата и дека тие се невистинити.

    „Секоја инсинуација за несоодветно однесување или прекршување на статутите или правилата е клеветничка“, изјавиле од ФИФА. Исто така, посочиле дека ниту еден вработен во УЕФА или ФИФА никогаш не поднел жалба за однесувањето на Инфантино.

    „Сите активности на организацијата поврзани со вработените, вклучително и исплатите при заминување и отпремнините, секогаш биле одобрени од соодветните директори во согласност со сите применливи правила“, изјавил портпаролот.

    Инфантино работел во УЕФА од 2000 до 2016 година. Во 2009 година станал генерален секретар, а во февруари 2016 година бил избран за претседател на ФИФА, функција што ја извршува и денес.

    Во последните денови расте незадоволството од неговото раководење со светскиот фудбал. Норвешката фудбалска федерација стана првата национална федерација која јавно побара тој да поднесе оставка. Претседателката на федерацијата, Лисе Клавенес, изјави дека „веќе нема доверба“ во Инфантино и дека за него „нема враќање назад“. „Ројтерс“ објави дека Клавенес го повикала Инфантино да се повлече, наведувајќи дека тој ја нема институционалната доверба потребна за водење на ФИФА во сегашната криза.

    Притисокот е поврзан со повеќе контроверзии, меѓу кои и планот на ФИФА за создавање на FIFA Forward Enterprise (FFE), преку кој требаше да се обединат комерцијалните права и организацијата на натпреварувањата, а надворешни инвеститори да можат да купат малцински удел. ФИФА првично ја процени вредноста на новата компанија на околу 20 милијарди долари и планираше да привлече до 4,2 милијарди долари од инвеститори.

    Предлогот, сепак, беше повлечен на 1 август по силниот отпор од европските и други фудбалски федерации. Инфантино тогаш изјави дека проектот повеќе нема да се продолжи, бидејќи создал поделби што не се во интерес на првичната цел.

    Во меѓувреме, „Ројтерс“ објави дека повеќе национални федерации, меѓу кои Германија, Холандија и Англија, ја повлекле поддршката за Инфантино, додека УЕФА и КОНКАКАФ јавно ја критикувале неговата политика.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично