ПОВЕЌЕ

    „ПАРИ“ АНАЛИЗИРА: Кои фирми профитираа од најголемите тендери во 2021 година

    Време зa читање: 4 минути

    Најголемите 10 тендери во текот на минатата година заедно чинеле дури 200 милиони евра, покажува рангирањето направено од страна на БизнисМрежа.мк.  Нарачатели на 8 од 10-те најголеми тендери се државни и јавни претпријатија, а две се приватни компании кои вршат јавна дејност – „Производство на топлина Балкан енерџи“ и „ЕВН Македонија“. Од државната каса директно отишле пари за тендерот на Министерство за здравство кој чинел 21.655.000 евра, за тендерот на Министерството за транспорт и врски (4.750.000 евра) и за тендерот на Министерството за внатрешни работи ( 4.600.000 евра). Од Градската каса пак, еден тендер е со рамковна вредност од 18,5 милиони евра.

    Порталот „Пари“ аналзира кои фирми ги добиле најголеми зделки во државата, и што треба да направат (или веќе направиле) за тие пари.

    ТОП 10 ЈАВНИ НАБАВКИ ВО 2021 ГОДИНА

    Договорен органНосител на набавкаРамковна вредност
    Производство на топлина Балкан енерџи ДООЕЛТЕ-ТО АД - Скопје70.000.000
    ЈП за државни патиштаИлинден АД-Струга 23.740.000
    Центар за култура Иљо Антески Смок - ТетовоНБ компани ДОО Тетово23.000.000
    Министерство за здравствоАД Д-р Пановски - Скопје21.650.000
    АД ЕСММарковски компани ДООЕЛ - Битола18.800.000
    Град Скопје Жикол ДООЕЛ - Скопје18.500.000
    АД ЕВН Македонија Никоб ДОО - Скопје  8.900.000
    ЈП за одржување на патиштаИлинден АД - Струга5.950.000
    Министерство за транспорт и врскиСтентон градба ДОО - Битола4.750.000
    Министерство за внатрешни работиЗоник градба инженеринг ДООЕЛ - Скопје4.600.000

    (во евра)

    Производство на топлина Балкан енерџи“ е на врвот на листата со јавна набавка склучена на 28.12.2021 од над 4,3 милијарди денари, односно околу 70 милиони евра. Станува збор за рамковна спогодба со фирмата која всушност и е компанија-мајка, Друштвото за производство на електрична енергија и топлина ТЕ-ТО АД Скопје, за  набавка на 38.000.000 нормални кубни метри гас. Договорот е за испорака на гас за период од 1 јануари до 30 април. Но, поради високата цен на гасот, која не влезе во новоформираната цена на централното греење, ЕСМ стана привремен управител на „Производство на топлина Балкан енерџи“.

    На тендерот и на ЈП за државни патишта и на ЈП за одржување и заштита на магистрални регионални патишта победник е Илинден АД Струга. Од овие два тендера, компанијата добила работа за речиси 30 милиони евра. Притоа, првиот тендер е за изградба на регионален пат Р2246 делница, Извор (спој со А2) – Гарски Мост, а вториот е за инвестициско одржување на патишта во тек на две години.

    Национална установа Центар за култура Иљо Антески Смок – Тетово за втората фаза за изградба на нов објект за театар и библиотека во Тетово го избрала Друштвото за градежништво, трговија и услуги НБ – компани ДОО Тетово, за што е склучен договор од 23.000.000 евра. Како што веќе пишувавме, оваа национална установа е на петтото место на последната „црна листа“ што редовно ја објавува УЈП, со неплатен долг за ДДВ од дури 3,4 милиони евра.

    Министерството за здравство склучило договор со  велдрогеријата „Д-р Пановски“ за биолошка моноклонална и таргет терапија за 21.650.000 евра.

    – Онкологијата драстично се измени последните години, и оваа терапија е одговор на тие промени. Иновативната биолошка, моноклонална и таргет терапија е наменете за сите пациенти кои имаат потреба од лекување со ваков тип терапија. Станува збор за 30 нови биолошки лекови кои се исклучително скапи, а успеавме да ги обезбедиме за најголемиот број пациенти кои се со хемато-онколошки малигнитети – изјави во 2019 година спец. д-р Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија и радиотерапија, откога лековите почнаа редовно да се набавуваат за  пациентите со овие тешки заболувања.

    Државната компанија за производство на електрична енергија – ЕСМ со „Марковски комапни“ склучила договор за 18.800.000 евра за ископ на јазглен и за технички решенија за заштита на копот. Оваа набавка беше и критикувана од опозицијата, по што ЕСМ објасни дека морала итно да направи ваква набавка поради енергетската криза и задолжувањето од страна на Владата да произведува струја за задоволување на 100 проценти на домаќинстват и на малите фирми, место 60% колку што налага регулативата за оваа година.

    Град Скопје склучил договр со Жикол за 18.500.000 евра, за изградба на раскрсница на ул. „Скупи“ и бул. „8-ми Септември“, раскрсница на бул. „8-ми Септември“ и бул. „Никола Карев“ и на  бул. „Никола Карев“ и ул. „Словенечка“.

    АД „ЕВН Македонија“ редовно го ангажира Друштвото за обезбедување на лица и имот Никоб ДОО експорт-импорт Скопје. Во јуни минатата година ЕВН склучил двегодишен договор за обезбедување на објекти и терен, за патролно обебедување, за инсталација на комуникациони уреди, за нивно одржување, за алармни уреди, видео камери…Рамковната вредност на договорот е 8.900.000 евра.

    Министерство за транспорт и врски договорот за изградба на насипна брана со придружни објекти „Отиња“, општина Штип, го доверил на Друштво за производство, промет и услуги Стентон градба ДОО с.Долно Оризари, Битола, а вредноста е 4.750.000 евра.

    Министерство за внатрешни работи со Зоник градба инженеринг ДООЕЛ – Скопје склучил рамковен договор за период од 3 години за услуги за тековно одржување на објекти на МВР со изведба на градежни, градежно-занатски, занатски, инсталатерски и други работи. Рамковната вредност на договорот е 4.600.000 евра.

    Редакција Пари

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично