ПОВЕЌЕ

    Што содржи петтиот пакет на антикризни мерки?

    Време зa читање: 9 минути

    Петтиот пакет содржи вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра, од кои 91,7 милиони евра се со директни фискални импликации.

    Мерките се распределени во 4 главни столба:

    1. Директна финансиска поддршка за компаниите со цел задржување на работните места на граѓаните во секторите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт и индустрија за организација на настани;
    2. Финансиска поддршка за ликвидноста на приватниот сектор со бескаматни кредити за задржување и зголемување на бројот на работници;
    3. Креирање поповолно деловно окружување со системско редефинирање на царинскиот тарифник, намалување на парафискалните давачки и даночно олеснување и одложување кај неколку јавни давачки и
    4. Поддршка за граѓаните.

    Листа на донесени мерки:

    1. Финансиска поддршка на плати за вработените за месеците февруари и март 2021 година, во износ од 1,9 милијарди денари со опфат од околу 60.000 работници месечно. Финансиската поддршка ќе биде скалеста, во износ од 14.500 до 21.776 денари за месечна плата по вработен, за да се поддржат работните места во домашните компании во зависност од тоа која компанија колкав пад на приходи имала во текот на ноември и декември 2020 и јануари 2021 година споредено со ноември и декември 2019 и јануари 2020 година – значи трите месеци се споредуваат со трите исти месеци пред една година.
    2. Бескаматни кредити за компаниите од дејностите туризам, занаетчиство, угостителство, транспорт, индустрија за организација на настани, приватни здравствени установи и слично, преку Развојна банка на Северна Македонија. Оваа мерка е во висина од 615 милиони денари и за неа може да се аплицира во текот на 2021 година. Мерката се однесува и на самостојните вршители на дејност и на приватните здравствени установи. Во зависност од вкупниот поголем обем на работа и зголемената добивка, компаниите ќе имаат можност да добијат скалесто неповратен дел од кредитот, од 30% до 50% од самиот кредит.
    3. Финансиска поддршка за 120 радиодифузери во висина од 50 милиони денари за 2021 година.Со оваа мерка 120 радиодифузери, односно радија и телевизии што имаат активни концесии за емитување радио и телевизиска програма ќе бидат ослободени од годишната давачка за концесијата.
    4. Ослободување од надоместокот за мултиплекс фреквенција за цела 2021 година.Мерката ги опфаќа радиодифузерите во земјата на кои ќе им се покријат трошоците за 2021 година за дигиталниот терестријален мултиплекс и дозвола за емитување. Оваа одлука е согласно Законот за електронски комуникации, а има за цел ублажување на економските последици врз медиумскиот радиодифузен сектор предизвикани од пандемијата на коронавирусот.
    5. Финансиска поддршка за регистрираните занаетчии за 2021 година. На занаетчиите ќе им се овозможи решенијата за аконтативно плаќање на персоналниот данок да им бидат намалени за 50% во 2021 година споредбено со решенијата од 2020 година.
    6. Финансиска поддршка за граѓаните преку продолжување на мерката за одложување плаќање данок на личен доход до 30 јуни 2021 година. За оваа мерка се издвоени 15 милиони денари, а целна група се самостојните вршители на дејност кои согласно Законот за данок на личен доход беа ослободени од плаќање аконтации до 31 март 2021 година.
    7. Финансиска поддршка за меѓународните транспортери, за компании чиј вкупен број вработени е околу илјада и коишто се запишани во регистарот на превозници што се води во Министерството за транспорт и врски, а кои вршат меѓународен линиски или слободен превоз на патници.
    8. Финансиска поддршка од 3.000 до 10.000 евра за компании што имаат пад на приходите во 2020 година за повеќе од 50% споредено со 2019 година. Ќе се реализира скалесто, во зависност од падот на приходите од 50% па нагоре, и е предвидена за регистрирани компании што вршат транспорт на патници. Износот за реализација на оваа мерка е 40 милиони денари за околу 200 корисници.
    9. Кредитна гарантна шема во вредност од 307,5 милиони денари. Со оваа мерка ќе биде креирана нова гарантна кредитна линија во износ од 5 милиони евра, дистрибуирана преку Развојна банка на Северна Македонија. Се очекува државата да биде гарант за кредитите што ќе ги земат компаниите од комерцијалните банки во износ од околу 30 милиони евра.
    10. Продолжување на грејс периодот за плаќање на обврските за корисниците на кредитите од кредитната линија „Ковид 2“ во Развојна банка до крајот на 2021 година.
    11. Поддршка за индустријата и операторите за организација на настани за реализација на проекти од исклучителен јавен и државен интерес во висина од 61 милион денари. Оваа мерка е наменета за правните субјекти што организираат јавни настани, односно маркетинг и ивент агенции, продукции и други оператори од индустријата за организација на настани, со што, меѓу другото, ќе се  ангажираат и изведувачи, едукатори, културни работници, уметници, музичари и други професии ивент индустријата коишто се директно погодени од пандемијата. Програмата ќе ја реализира Генералниот секретаријат на Владата при што апликантите, односно операторите што организираат јавни настани ќе треба да се придржуваат до следните критериуми: прво, настани на зададена тема од исклучителен јавен и државен интерес, второ обезбедување видливост на настанот пред широка домашна јавност преку партнерства со националните и другите телевизии како и преку другите видови медиуми и трето, вклучување изведувачи, едукатори, културни оператори, уметници, музичари и други во продукцијата на содржини во рамки на настаните од јавен интерес.
    12. Финансиска поддршка за хотели што функционираат надвор од туристичките центри. Износот е 64,6 милиони денари за 2021 година. Поддршката ќе се пресметува по регистрирани легла кај хотелите и согласно методологијата за категоризација којашто ќе биде дефинирана од Министерството за економија.
    13. Финансиска поддршка преку основање Фонд за поддршка на извозни компании во висина од 615 милиони денари, којшто ќе се воспостави преку Развојната банка на Северна Македонија. Се работи за евтини кредитни продукти за компании коишто најголемиот дел од своето производство го извезуваат.
    14. Поддршка за спортски клубови. Предвидено е 33% од сумата што спортските клубови ја добиваат според ваучерскиот систем да се исплати од Буџетот на почетокот на годината. Оваа мерка е во износ од 184, 5 милиони денари. За 2020 година, преку овој систем за даночни ослободувања што одат во спортските клубови искористени се околу 9,2 милиони евра, според евиденцијата на Агенцијата за млади и спорт.
    15. Укинување на царинските стапки за 71 суровина до крајот на 2021 година. Станува збор за автономна мерка за извозно ориентираните компании со фискални импликации од ослободувањето во висина од 436,6 милиони денари.
    16. Укинување или намалување на царинските стапки за 31 суровина и за месо.Фискалните импликации од оваа мерка се 228,2 милиона денари.
    17. Усогласување со правилата и царинскиот третман на производите и услугите на пазарот во Северна Македонија со единствениот пазар на Европската Унија и пазарите на земјите членки на Светската трговска организација.Проценетите фискални импликации се околу 615 милиони денари.
    18. Олеснување на условите за 245 компании коишто имаат активни договори како и за потенцијално новите компании коишто ќе инвестираат според Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
    19. Поддршка на микро, мали и средни претпријатија, како и за приватните здравствени установи преку кофинансирана помош за технолошки развој за забрзан економски раст во период на ковид, преку Фондот за иновации и технолошки развој, во висина од 369 милиони денари. Целта е да се обезбеди финансиска поддршка за технолошки развој на претпријатијата и на приватните здравствени установи со цел забрзан економски раст.
    20. Пренамена на средства од блок дотации коишто општините ги имаат заштедено или неискористено во текот на 2020 и 2021 година за капитални инвестиции.
    21. Финансиска поддршка за тутунарите со цел спречување на последиците од ограничувањето во превозот и трговијата, како и од падот на потрошувачката на тутунските преработки на светско ниво. За оваа мерка се предвидени 307,5 милиони денари во 2021 година.
    22. Бришење камати на граѓаните кон јавни институции и претпријатија. Преку мерката, со законски измени ќе се нареди на јавните комунални претпријатија, јавните претпријатија и Управата за јавни приходи, како и на општините и на сите други институции од јавните дејности да ги простат и избришат долговите на граѓаните по основ на камати во висина од 100%. Тоа се однесува за сите физички лица во нашата земја. Главнината што ја должат повеќе од три месеци по основ на испорачани комунални и други јавни услуги, даноци и данок на имот, ќе може да се репрограмира за плаќање во период од 12 месеци. Реализацијата на мерката за репрограмирање ќе се направи преку објава на Јавен повик во траење од 5 месеци во рамки на кои граѓаните ќе побараат репрограмирање на долговите.
    23. Финансиска поддршка за здравствените работници кои не беа опфатени со третиот пакет-мерки.Станува збор за мал број корисници, а предвиден е износ од 570 илјади денари. Средствата се наменети за здравствените работници од болниците во Струмица и Гостивар.
    24. Продолжување на лиценците и дозволите за една година на следните субјекти: ноќни клубови, кабареа, ловишта, аеродроми и слично.Мерката ќе се спроведе со јавен повик од сите засегнати институции и ќе се овозможи продолжување на правото на користење без надоместок. Исклучок од оваа мерка се: концесионери на рудници, ископ на песок и чакал, казина, автомат-клубови и обложувалници.
    25. Ослободување од договорни обврски, поточно ослободување од плаќање пенали за компаниите што имаат потпишано договори со Единиците на локалната самоуправа, а во истите е предвидена клаузула за плаќање пенали за проблеми при реализација. Дадена е можност, со одлука на совет на општина, примената на истата одредба да се одложи на минимум 1 година отсега.
    26. Поддршка за преработувачите и извозниците на грозје кои не успеале да аплицираат на повикот од четвртиот пакет-мерки во износ од 40 милиони денари.
    27. Финансиска поддршка за Роми претприемачи преку креирање „Мечинг фонд за претприемништво за Роми“. Вредноста за оваа мерка е 123 милиони денари за 2021 година, а пред ѐ е наменета за микро и малите компании коишто имаат ризици во работењето. Исто така, намерата е голем дел од оваа ранлива категорија граѓани да добие финансиска поддршка со цел формализирање на нивната дејност. Регионалната ромска програма РЕДИ има определено износ од околу 1 милион евра за Северна Македонија, за што упатуваме огромна благодарност, а нашето финансиско учество во овој фонд се очекува да биде на слично ниво.
    28. Зголемување на прагот на ослободување на оданочување со данок на добивка на регресот за годишен одмор од постоечките 40% на 80%. Со мерката се опфатени компаниите коишто имаат обврска да исплаќаат регрес на своите вработени.
    29. Поддршката за дигитална трансформација на бизнисите коишто имаат ниско ниво на дигитализација со цел побрза пост-ковид ревитализација.Оваа мерка вклучува низа поволности наменети за малите и микро претпријатија во вкупен износ од 25 милиони денари за 2021 година.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично