ПОВЕЌЕ

    СН финансии го стартуваше својот Business Academy Hub

    Време зa читање: 3 минути

    Економскиот Факултет во Прилеп, при Универзитетот Св.Климент Охридски од Битола и компанијата СН Финансии ДОО Битола објавија дека започнаа заеднички проект, како дел од агендата оваа компанија за соработка со неколку факултети на различни универзитети во државата.

    „СН финансии, која е релативно млада компанија, постои 5 години, веќе започнува со развивање на програми за идентификување на студенти и талент програми на кои се пронаоѓаат најдобрите” – истакна Никола Јошевски, ко-основач и генерален директор на СН финансии на средба со студентите. “Доаѓа време кога не е доволно, да објавите оглас, да ви се пријават кандидати, да побарате препораки….тоа е едно минато време во кое многу компании се сѐ уште заглавени“, додаде Јошевски.

    На официјалниот старт потпишан е меморандум за соработка, а започнува серијата предавања на експерти од оваа водечка ФинТек комапнија прва кај нас формирана од домашен капитал, а ќе се работи и на есенски хакатон и вмрежување на студентите од партнерски факултети од Европа кои се заинтерeсирани за истражувања во оваа област.

    “Низ годините, со нашите партнери СН Финансии соработувавме на различни начини, но, еве, денес и формално и официјално започнуваме нешто ново, со интересен концепт на поврзување на академијата, бизнисот и студентите. Уште поважна да се истакне е неговата операционализација како во наставно-научниот процес, така и во унапредување на студентскиот стандард и живот, со директна и сестрана заложба на сите вклучени страни” – истакна деканката, проф. д-р Драгица Оџаклиеска.

    Кога ќе се спојат академијата и бизнисот, тогаш се добива „заеднички до најдоброто“ тврдат од факултетот, што е одличен пример како бизнисот и академијата можат да соработуваат. Оваа соработка, според нив, е огромна шанса за студентите.

    “Со СН Финансии како напреден финтек пионер, со нашите алумни вработени во истиот како мостови на комуникација, со тековните и идните студенти како одржувачи на идејата и со нас – професорите како овозможувачи и поттикнувачи, веруваме дека овој трипартитен мотор на креација и соработка ќе генерира многу квалитет и ќе трае со генерации. Зошто? Затоа што ги имаме и желбата, и идеите, и можностите, и компетенциите, а и поривот да направиме позитивен импакт на нашето општество како Економисти – Оптимисти. Градењето вакви екосистеми кои добиваат смисла преку Business Academy Hub е чекор во точен правец, само така ко-создаваме и напредуваме сите” – изјави Доц. Д-р Рената Петревска Нечкоска, координатор на соработката.

    За прв пат Факултетското Студентско Собрание на Економски Факултет Прилеп станува  еднаков чинител во една идеја и реализација на соработка на академијата и бизнисот преку и со студентите. “Веруваме дека вака и студентите ќе се чувствуваат директно мотивирани да создаваат и да возвраќаат повеќекратно – со ангажман, идеи, знаење, вештини, проекти. Ова е наша инспирација и платформа – благодариме и работиме на реализација на овој предизвик чекор по чекор” истакна Ѓорѓи Вељаноски, претседател на Факултетското Студентско Собрание кој исто така со свој потпис стои во официјализирање на оваа соработка.

    Новото време бара носители на глобален иновативен експеримент за дифузија на академијата со бизнисот при што на студентите се гледа како на големо потенцијално богатство, а ваквите соработки стануваат и научен полигон во кој можат да се креираат многу иновации во ФинТек индустријата кои оттука можат да се продадат да на светот.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично