ПОВЕЌЕ

    Се знае дека Дрекслмајер вработува најмногу луѓе, но кој исплаќа највисоки плати?

    Време зa читање: 4 минути

    И многу и добро се работи во Кавадарци, каде што минатата година компаниите генерирале приходи од речиси една милијарда евра. Меѓутоа, тој позитивен тренд, што ја вклучува и профитабилноста, не се прелева врз локалниот пазар на труд. Всушност, градот на виното не е изолиран случај кога се работи за намалувањето или за недостигот на работна сила.

    Бројот на вработените во кавадаречките фирми се намалил за 7,79 насто или за 1.112 лица. За разлика од 14.644 вработени во 2024 година, лани биле регистрирани 13.532 вработени лица. Ова се однесува на 1.729 трговски друштва, кои поднеле годишна сметка. Сепак, тој бран не ги одминува ниту најголемите работодавачи што се во фокусот на анализата што Пари ја направи со помош на податоците од Бизнис Мрежа, при што може да се забележи дека додека работничките редови се проретчуваат, платите се зголемуваат.

    ПОМАЛКУ ВРАБОТЕНИ…

    Уделот на десетте компании што апсорбираат најголем дел од расположливата работна сила е 55,9 насто, што значи дека остатокот е распореден кај останатите над 1.700 трговски друштва. И кај нив годишната промена е негативна – од 6,82 насто, а бројната состојба опаднала од 8.119 на 7.565 ангажирани лица.

    Работната сила се намалила за 10,5 насто кај еден од најголемите странски  инвеститори и убедливо најголем работодавач во земјаваДрекслмајер. Производството на кабелски системи за премиум автомобилски брендови лани го опслужувале 5.277 вработени, за 619 помалку од претходната 2024 година.

    Намалена е бројноста на вработените во уште три компании: ПЗУ Нефроплус (– 1,08 %), Винарија Тиквеш (– 2,40 %) и Градба промет (– 6,45 %).

    Очигледно, растот кај другите шест не бил доволен за да се компензира падот. Зголемената потреба за работници се движи од 0,68 насто (Голден игл) до 8,28 насто (ИГМ-Трејд).

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПОВИСОКИ СЕ И ПЛАТИТЕ

    Најголемите работодавачи ја наградуваат ефикасноста на вработените со месечни примања од над 30 илјади до речиси 60 илјади денари. И, за разлика од движењата кај вработеноста, линијата на платите е на угорница. Исклучок е Црна Река Петрол, каде што минатата година просечната плата се намалила за близу 9,8 отсто.

    Голден игл никел има 149 вработени, а нивната плата се зголемила за 127 насто. Оваа компанија бележи и највисоки плати и најголем годишен скок меѓу десетте најзначајни работодавачи. Просекот достигнал 59.279 денари. За споредба, во 2024 година износот бил 26.107 денари.

    Високи плати, проследени со стабилен раст (+ 7,87 %) има и кај традиционалниот носител на економијата во регионот. Во Винарската визба Тиквеш просечната плата е 56.820 денари.

    Добро се платени и ангажираните лица (328) во компанијата за откуп, преработка и извоз на тутун, Алајанс уан Македонија. По зголемувањето од 14,7 насто, таму платата изнесувала 54.192 денари.

    Дрекслмајер се лоцира во вториот дел од табелата со платата од 34.639 денари и со умерениот раст од 2,03 насто. Слично е и кај ИГМ-Трејд, каде што просекот е 31.111 денари, а зголемувањето минимално (+ 0,92 %).

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПРОСЕК НАД ПРОСЕКОТ

    Посочените компании се наоѓаат и на листата на работодавачи што обезбедуваат плати повисоки од официјалниот државен просек. Од сите рангирани кавадаречки фирми (по основ на приход, добивка и вработување), шест се издвојуваат со примања што отстапуваат од просечната плата, која во 2025 година изнесувала 45.198 денари.

    Ќесето најшироко е одврзано во винарницата Крњево. Просечната плата лани изнесувала 67.054 денари и ја следи раст од речиси 11,4 насто. Сепак, овде има еден важен детаљ – фирмата работи со четворица вработени. Толку биле и во 2024 година, кога имале просек од 60.205 денари.

    Во градот на виното, најголем профит дошол од челикот

    Во групата натпросечни е и Машинокоп Групација, каде што платите пораснале за над 44 насто (48.993), а тимот останал непроменет, со 60 вработени. Во таа група е и Кожувчанка, но таму паралелно со зголемувањето на месечните примања за околу 14,8 насто (47.595 денари), се проширил и колективот од 171 на 185 вработени (+ 8,19 %).

    Извор: Бизнис Мрежа

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично