Косовски Проекс Интернационал ЛЛЦ и официјално е новиот сопственик на Тинекс. Промената е заведена во Централниот регистар. Сите податоци за поврзаноста на семејството Тодоровиќ со познатиот малопродажен синџир се избришани. Со бизнисот, во чиј состав се брендовите Тинекс, СуперТинекс, Тинекс Деликатес, Конто и Спот, ќе управува Лиридон Бериша.
Тинекс има разгранета продажна мрежа: 31 супермаркет во осум градови низ Македонија, 4 Cosmo дрогерии, 4 TO Go ресторани, 2 HOME продавници на мебел и декор, 1 игротека Big Bang, 1 Retail Park GODI, 2 SPOT продавници, сопствен логистичко – дистрибутивен центар, погони за производство на готови јадења и обработки на месо.
Проекс е една од најголемите малопродажни компании на Косово. Според косовските медиуми, 2025 година ја завршила со промет од 235 милиони евра, со што се рангира меѓу десетте косовски компании со најголем промет. Пари веќе пишуваше дека единствен сопственик на Proex SH.P.K. (основан во 2011 година) е CDI – Kosovo L.L.C. Најголемиот удел од 93 отсто во сопственичката структура на CDI го има косовскиот бизнисмен Шаип Микуловци, кој воедно е и управител. Претседател е и на Управниот одбор на Групацијата што ги поседува Интерекс, Емона Груп, ИП Петрол и Шел Косово, како и трговските центри во Приштина, Пеќ и Дренаш.
Тинекс пред голем пресврт: косовски Интерекс на чекор до преземање на маркетите?
Што се однесува до новиот управител на Тинекс, Лиридон Бериша, тој има долгогодишно искуство во малопродажбата и управувањето со големи трговски системи во Косово. Во неговата професионална биографија се наведуваат раководни позиции во Viva Fresh Store, Interex Supermarket, Emona City и Elkos Group, каде што работел во областите на логистика, увоз, маркетинг, продажба и оперативен менаџмент.
Не е непознато дека во изминатиот период Тинекс се соочуваше со проблеми во работењето. Тоа беше највидливо во маркетите, кои беа полупразни, а и вработените почнаа јавно да реагираат поради ненавремената исплата на платите.
Со „виза“ од КЗК, Проекс влегува во Македонија: Тинекс го презема групацијата на Шаип Микуловци
Во текот на минатата година падна и прометот. Приходите на Тинекс лани се намалија за 16,47 отсто, на 86,3 милиони евра. Една година претходно биле 103,4 милиони евра. А по прекланската добивка од 879,3 илјади евра, 2025 година Тинекс ја заврши со загуба од 3,5 милиони евра. Во 2024 година компанијата имала 1.140 вработени, а лани 995.
Со промената на сопственоста, компанијата влегува во нова фаза. Новата сопственичка структура го презема предизвикот да го врати Тинекс на стабилен деловен колосек.
М.А.
Аналитика








