ПОВЕЌЕ

    Со „виза“ од КЗК, Проекс влегува во Македонија: Тинекс го презема групацијата на Шаип Микуловци

    Време зa читање: 4 минути

    По 34 години ќе се затвори бизнис поглавјето на Владимир Тодоровиќ како основач и сопственик на Тинекс. Се отвора патот маркетите под брендовите Тинекс, Супер Тинекс, Тинекс Деликатес, Конто и Спот (Бизнис) да преминат во сопственост на Проекс Интернационал Л.Л.Ц од Косово. Комисијата за заштита на конкуренцијата го одобри преземањето, оценувајќи дека трансакцијата нема значително да ја наруши конкуренцијата на пазарот на малопродажба во неспецијализирани продавници – маркети.

    „Се утврдува дека концентрацијата со која Проекс Интернационал Л.Л.Ц … има намера да стекe контрола врз Друштвото за трговија на мало Тинекс Маркет ДООЕЛ Скопје … иако потпаѓа под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата нема да има за последица значително спречување, ограничување или нарушување на ефективната конкуренција на пазарот или на негов суштински дел, особено како резултат на создавање или зајакнување на доминантната позиција на учесниците и е во согласност со одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата во смисла на член 19 став (1) точка 2) од Законот за заштита на конкуренцијата“, пишува во решението на КЗК.

    Накусо, нема регулаторна пречка за реализација на договорената зделка, која на косовската компанија ѝ обезбедува влез на македонскиот пазар. Како што е наведено и од КЗК, Проекс и компаниите од групацијата на која ѝ припаѓа немаат поврзани субјекти регистрирани во Македонија, ниту оствариле приходи на македонскиот пазар во 2025 година.

    На 2 јули годинава, Тинекс-МТ како продавач и Проекс Интернационал како купувач потпишале писмо за намери и рамка за трансакцијата, односно ги утврдиле главните комерцијални услови и структурата на планираното преземање. Предмет на трансакцијата е малопродажниот бизнис на Тинекс-МТ.

    Тинекс Маркет е новото правно лице, регистрирано на 14 јули годинава. Или, само 12 дена по потпишувањето на писмото за намери. Според документот доставен до КЗК, ова друштво е предвидено да биде средството преку кое ќе се стекне и ќе се продолжи со работењето на малопродажниот бизнис.

    „Тинекс-МТ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје по потпишувањето на Писмото за намери и рамка на Трансакцијата, на 14.07.2026 година го регистрирал Тинекс Маркет ДООЕЛ Скопје кој е наменет да служи како средство за стекнување и работење на бизнисот. На Тинекс Маркет ДООЕЛ Скопје ќе му се стави на располагање бизнисот или релевантните делови од бизнисот во согласност со главните услови договорени во Писмото и како што ќе бидат дополнително регулирани во Преддоговорот за купопродажба на удел и дефинитивната документација за трансакцијата“, посочуваат од КЗК.

    Исто така, во решението е наведено дека главна дејност на Проекс Интернационал Л.Л.Ц. е трговија на мало во неспецијализирани продавници претежно со храна, пијалаци и тутунски производи. Групацијата Проекс е диверзифицирана деловна групација од Косово, составена од повеќе поврзани трговски друштва кои работат во областа на трговијата, дистрибуцијата, малопродажбата, логистиката и енергетскиот сектор. Покрива широк спектар на активности, вклучувајќи увоз и дистрибуција на стоки за широка потрошувачка, управување со синџири на супермаркети, трговија со прехранбени и хигиенски производи, логистички услуги, како и трговија, складирање и дистрибуција на нафтени деривати.

    Пари веќе пишуваше дека постои веројатност Тинекс да биде купен од косовскиот Интерекс, кој е дел од Proex SH.P.K. (основан во 2011 година), чијшто единствен сопственик е CDI – Kosovo L.L.C. Во сопственичката структура на CDI, удел од 93 проценти има косовскиот бизнисмен Шаип Микуловци, кој е наведен и како управител.

    Проекс е една од најголемите малопродажни компании на Косово, која во 2023 година од ЕБОР добила финансиски пакет до 20 милиони евра, наменет за проширување на мрежата, модернизација на постојни продавници и изградба на нов логистички центар.

    Косовските медиуми, пак, пишуваа дека Проекс во 2025 година остварил промет од 235 милиони евра, со што се рангира меѓу десетте косовски компании со најголем промет.

    За Шаип Микуловци (1984) се вели дека е претприемач кој потекнува од семејство со деловна традиција. Претседател е на Управниот одбор на Групацијата што ги поседува Интерекс, Емона Груп, ИП Петрол и Шел Косово, како и трговските центри во Приштина, Пеќ и Дренаш.

    М.А.

    (Илустрација генерирана од вештачка интелигенција)

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично