ПОВЕЌЕ

    Тинекс пред голем пресврт: косовски Интерекс на чекор до преземање на маркетите?

    Време зa читање: 3 минути

    Интерекс од Косово е новиот сопственик на Тинекс? Информацијата што се шири во деловните и медиумските кругови нема официјална потврда, а доаѓа по повеќемесечната неизвесност поврзана со финансиската состојба на македонската трговска компанија. И по реакциите, понекогаш и јавни, на вработените, кои уште од лани се соочуваат со нередовна исплата на платите.

    Во чија сопственост е и како работи компанијата заинтересирана за пробив на странски, односно на македонскиот пазар?

    Податоците до кои дојде Пари велат: правното лице зад Интерекс е Proex SH.P.K., чиј единствен сопственик е CDI – Kosovo L.L.C. Во структурата на CDI, најголемиот дел од 93 проценти е удел на косовскиот бизнисмен Шаип Микуловци, кој е наведен и како управител.

    Интерекс веќе има значителна позиција на косовскиот пазар. Европската банка за обнова и развој во 2023 година ја опишала Proex како една од најголемите малопродажни компании на Косово и ѝ одобрила финансиски пакет до 20 милиони евра, наменет за проширување на мрежата, модернизација на постојни продавници и изградба на нов логистички центар.

    Во меѓувреме, компанијата се развивала. Според информациите на Data4X, објавени во косовските медиуми во февруари годинава, Proex во чии рами е Интерекс, во 2025 година остварил промет од 235 милиони евра (223 милиони евра во 2024 година и раст од 5,4 %). Притоа се рангира меѓу десетте косовски компании со најголем промет. Листата е објавена од Gazeta Express, а пред Proex се VivaFresh Store и ELKOS.

    На веб-страницата на Интерекс е наведено дека располага со 36 маркети во 18 градови, каде што работно се ангажирани 1.700 лица.

    За Шаип Микуловци (1984), тамошните медиуми пишуваат дека е претприемач од семејство со деловна традиција. Претседател е на Управниот одбор на Групацијата што ги поседува: Интерекс, Емона Груп, ИП Петрол и Шел Косово, како и трговските центри во Приштина, Пеќ и Дренаш. Познат е по „иновативноста и хуманитарните напори, играјќи клучна улога во економскиот развој на Косово“.

    Proex SH.P.K. е формиранна во 2011 година и работи со прехранбена и малопродажба на производи за широка потрошувачка. Но, како што пишуваат медиумите, Микуловци во последните години значително го проширил своето деловно портфолио, особено на пазарот на горива.

    Тинекс во изминатиот период помина низ сериозни финансиски предизвици. Според податоците од Бизнис Мрежа, приходите на компанијата во 2025 година изнесувале 86,3 милиони евра, за 16,47 проценти помалку во однос на 2024 година и тогашните 103,4 милиони евра.

    Освен  тоа, по прекланската добивка од 879,3 илјади евра, лани Тинекс забележа загуба од 3,5 милиони евра.

    Редуцирана е и работната сила. Во 2024 година компанијата имала 1.140 вработени, а во 2025 година бројката се намалила на 995, односно за 12,72 проценти.

    Компанијата има разгранета продажна мрежа низ Македонија. „Семејството на Тинекс вклучува 31 супермаркет во 8 градови низ Македонија, 4 Cosmo дрогерии, 4 TO Go ресторани, 2 HOME продавници на мебел и декор, 1 игротека Big Bang, 1 Retail Park GODI, 2 SPOT продавници, сопствен логистичко – дистрибутивен центар, погони за производство на готови јадења и обработки на месо и друго“, стои на нивната веб-страница.

    Засега нема никакво официјално навестување, а камоли потврда за можната зделка, односно информацијата се темели на неофицијални, инсајдерски извори. Исто така, и во косовските медиуми не е објавена вест за евентуалното преземање.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично