Преспа денес повторно е место на регионално поврзување. Претставници на Северна Македонија, Грција и Албанија се среќаваат на грчката страна од регионот за да го придвижат процесот за заедничка номинација на Преспанскиот регион на Листата на светско наследство на UNESCO. Иницијативата треба да прерасне од досегашна грчка кандидатура во транснационален проект на трите држави, со поддршка и од Европската Унија.
Средбата се одржува во Лемос, во грчката општина Преспа, а меѓу најавените учесници се грчката министерка за култура Лина Мендони, албанскиот министер за туризам, култура и спорт Бленди Гонџа и претставникот на македонското Министерство за култура и туризам Седат Сулејмани. На состанокот учествува и Европската Унија, која според најавите треба да помогне во финансирањето на дел од почетните студии потребни за подготовка на кандидатурата.
Целта е Преспа да биде претставена пред UNESCO како единствено прекугранично природно и културно подрачје, наместо секоја држава одделно да го третира својот дел од басенот. Тоа би значело заедничко досие во кое би биле опфатени природните вредности на Големото и Малото Преспанско Езеро, биодиверзитетот, но и значајното археолошко, византиско и поствизантиско наследство на регионот.
Основата веќе постои. Грција уште во 2014 година го стави подрачјето на Голема и Мала Преспа на својата прелиминарна листа на UNESCO како кандидат за мешано природно и културно наследство. Предлогот е поднесен по пет UNESCO критериуми и ги опфаќа езерата, околните планини, живеалиштата на ретки и ендемични видови, како и византиските и поствизантиските споменици.
Новината е што сега се бара Албанија и Северна Македонија да станат составен дел од кандидатурата, со што би се опфатил целиот преспански басен.
Езерата претставуваат еден систем кој не може ефикасно да се штити само во национални граници. Уште во 2000 година трите држави го создадоа Прекуграничниот парк Преспа, а подоцна склучија и формален договор за негова заштита и одржлив развој, во кој како страна е вклучена и Европската Унија. Договорот предвидува интегрирана заштита на целиот екосистем, управување со водите и заеднички активности во земјоделството, рибарството и туризмот.
Кога трите страни ќе ја формализираат политичката согласност, следува покомплексниот дел од процедурата. Најнапред ќе треба да се утврдат точните граници на заедничкиот UNESCO локалитет. Тоа е важно бидејќи станува збор за различни национални паркови, режими на заштита и локални системи на управување.
Потоа следува подготовка на заедничка научна документација со која треба да се докаже т.н. Outstanding Universal Value, односно исклучителната универзална вредност што UNESCO ја бара за секој локалитет на Светското наследство.
Во досието ќе треба да се документираат природните вредности, состојбата на живеалиштата, ретките видови, историските и културните локалитети, но и ризиците за регионот – од климатските промени и падот на нивото на водата до туризмот, земјоделството и инфраструктурниот развој.
Особено значаен ќе биде заедничкиот план за управување. UNESCO не бара само доказ дека регионот е вреден, туку и гаранција дека трите држави се способни долгорочно и координирано да го заштитуваат.
Тоа подразбира механизам преку кој институциите во Скопје, Атина и Тирана ќе ги координираат мониторингот, заштитата на природата, реставрацијата на спомениците, туризмот и локалниот развој.
Големото Преспанско Езеро е поделено меѓу Северна Македонија, Грција и Албанија, а Малото Преспанско Езеро меѓу Грција и Албанија. UNESCO го опишува регионот како подрачје од исклучителна геоморфолошка, еколошка и биолошка вредност, со значајни популации на ретки и ендемични видови и глобално важни живеалишта за птиците.
Истовремено, регионот е богат и со културно наследство.
На грчкиот остров Свети Ахил се наоѓа големата базилика поврзана со средновековниот владетел Самуил, а околу езерата има голем број византиски и поствизантиски цркви, пештерски храмови, археолошки локалитети и традиционални населби. Само пред неколку дена Грција и Бугарија постигнаа договор за предавање на останките што се идентификуваат како оние на цар Самуил, откриени токму во базиликата на Свети Ахил во Преспа.
И покрај политичкиот импулс, евентуалното впишување на Преспа на Листата на светско наследство не треба да се очекува веднаш.
Подготовката на една транснационална номинација може да трае со години. Откако ќе се подготви заедничкото досие, тоа треба формално да биде доставено до UNESCO, а потоа следуваат стручни оценки од советодавните тела на организацијата.
Во случај на мешано природно и културно наследство, процесот е дополнително сложен бидејќи се оценуваат и природните и културните критериуми, како и режимот на управување и заштита.
Трите држави да договорaт јасен механизам за координација, подготовка на студиите и календар за изработка на заедничкото номинациско досие. Доколку тоа се случи, процесот би преминал од политичка идеја во формална регионална кандидатура.
За Преспа тоа би значело нешто повеќе од престижна ознака на UNESCO. Статусот би можел да донесе поголема меѓународна видливост, дополнителни средства за заштита и реставрација, но и нов туристички потенцијал.
Секако, УНЕСКО статусот носи и обврски: построга заштита, контрола на градбите и развојот и редовно известување за состојбата на локалитетот.
(Фото: малото Преспанско езеро, сликано од Албанија, SualdoDino – Own work, CC BY-SA 4.0)
Аналитика








