Разнесениот банкомат лоциран на улицата „Христијан Тодоровски Карпош“, во Општина Бутел, е на НЛБ банка, потврдија од Банката. Исто така, наведуваат дека обидот за грабеж е неуспешен.
„Рано утрово во 03:38 часот, на улица во скопската населба Бутел, е оштетен банкомат на НЛБ банка откако на него била поставена експлозивна направа. Во инцидентот нема повредени лица, а причинета е незначителна оштета на три возила кои биле во близина на банкоматот.
Според неофицијални информации на Министерството за внатрешни работи четири лица поставиле експлозивна направа на банкомат и се обиделе да одземат пари од него, но не успеале во намерата.
Во моментов одговорни лица од полициски екипи вршат увид на местото и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од Банката.
Претходно од МВР информираа дека со експлозивна направа е разнесен банкомат, повредени нема, а оштетени се и три возила кои се наоѓале во близина.
„На 06.06.2023 во 03.38 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Бутел четири лица, кои дошле со возило, поставиле експлозивна направа на банкомат и се обиделе да одземат пари, но не успеале. Од детонацијата се оштетени три возила. Нема повредени лица“, се вели во информацијата на МВР.