ПОВЕЌЕ

    Претстојното 19то издание со надминат број на пријавени – Над 11.000 учесници од 53 земји ќе трчаат на најголемата македонска спортска манифестација Виз Ер Скопски маратон

    Време зa читање: 15 минути

    На најголемата спортска манифестација во Македонија, Виз Ер Скопски маратон, во недела, 01ви октомври 2023, во склоп на своето 19то издание, повеќе од 11.000 учесници се очекуваат да истрчаат низ скопските улици и да го исполнат главниот град со позитивна енергија.

     Заклучно со 20ти септември, системот за пријавување на учесници брои точно 11.079 пријавени.

     Овој спортски настан, којшто во организација вбројува повеќе од 400 лица, наредната година ќе го прослави својот 20ти јубилеј, а од година во година, пријавените учесници доаѓаат од сите страни од земјата, но и од Балканот, регионот и од целиот свет. Очекувано, секој учесник на Виз Ер Скопскиот маратон е љубител на трчањето, но со сигурност е и вистински и автентичен амбасадор на здравите спортски навики.

    Како најочекуван датум во Македонија за сите вљубеници во трчањето, Виз Ер Скопскиот маратон, вбројувајќи ги трките – маратон (42.195 км), полумаратон (21.097 км), штафетен маратон, „ЕУ за спорт“ (10км – 11км – 10км – 11км), како и трката за рекреативци на 5км, која е и најмасовната трка од сите, – оваа недела ќе започне точно во 08:00 часот.

    Организаторите апелираат до сите тркачи добро да се информираат од која страна да пристапат во недела на стартната линија, затоа што ќе има разминувачки старт.

    На денешната прес конференција, свои обраќања имаа Зоран Стојановиќ, Претседател на Сојуз на Спортови на Скопје, Кире Синадиновски, Спортски директор на Виз Ер Скопски маратон, Зоран Глигоров, Секретар на Град Скопје, Даниел Димевски, Претседател на МОК – Македонскиот Олимписки Комитет, како и Дарио Ивановски, македонски атлетичар.

    „Во недела на 1ви октомври се оддржува 19то издание на Виз Ер Скопскиот маратон. Оваа година ќе имаме огромен број на учесници, преку 11.000,  од 53 земји. Бројките мора да кажам дека нѐ изненадија, бидејќи минатата година имавме околу 8.000 учесници. Не очекувавме волку голем интерес. Сѐ уште сме далеку од онаа бројка од 2019 година, кога имавме 12.500 учесници, но сепак бројот на учесници е огромен. Патеката на трката останува иста како и минатата година. Истата е сертифицирана од Светска атлетика и од Меѓународната асоцијација на улични трки и маратони – АИМС. Тоа значи дека сите резултати и рекорди ќе бидат признати, а оваа година сме пред олимписка година, така што важно е за сите учесници резултатите да им бидат валидни. Покрај тоа, оваа година се враќаат повторно и државното првенство во организација на Атлетската Федерација на Македонија во маратон и ќе ги имаме најдобрите македонски натпреварувачи на патеката. Очекувам одлични временски услови, можеби малку претопло за оние побавните маратонци, затоа што сепак температурата се очекува да биде до 25 степени, но во утринските часови ќе има идеални услови за исполнување на добри резултати за оние врвни атлетичари. Ќе имаме неколку претставници од Кенија, во машка и женска конкуренција на маратонот. Тука е и нашиот Дарио Ивановски и мислам дека ќе имаме одлична трка и атмосфера на улиците низ Скопје и затоа ги повикувам сите Скопјани, во што поголем број да излезат на улиците и да ги бодрат маратонците,“ изјави Кире Синадиновски.

    Голема помош на целосната организација даваат и сите пријавени волонтери, кои ќе бидат вклучени во реализацијата на овогодинешното издание, но секако и сите поддржувачи и покровители на овој голем настан.

    „Виз Ер Скопскиот маратон прерасна во една манифестација, којашто е најголема во Македонија и на којашто веќе станува престиж да се учествува. Треба да се заблагодариме прво на генералниот спонзор Виз Ер, којшто овозможува во значителна мера ова да се реализира, но тука се и покровителите Градот Скопје, Агенцијата за млади и спорт и Канцеларијата на Европската Унија во Македонија. Исто така, голем придонес за успешна реализација на маратонот, е и помошта од Црвен Крст на Град Скопје, Армијата на Македонија, Црвен Крст на Куманово оваа година првпат се вклучува, Македонски Олимписки Комитет е со голема поддршка на настанот, како и бројни спонзори, коишто сѐ потешко се наоѓаат, меѓутоа сѐ уште постојат и коишто го сфаќаат значењето на овој настан за нас и за населението, за што повеќе да се излезе на улиците, што повеќе да се трча, да се развива таа спортска култура и да имаме поздрава нација,“ изјави Зоран Стојановиќ, Претседател на Сојуз на спортови на Скопје.

    Атлетиката е секако олимписки спорт, па затоа значителна е и поддршката од Македонскиот Олимписки Комитет на овој настан.

    „Скопје навистина има привилегија да го има овој врвен спортски настан, веќе толку години, а ние како МОК, имаме привилегија да бидеме поддржувач и дел од овој настан. Од сѐ срце им честитам на организаторите за вложениот труд на сето она што го прават за спортот и за државата, на сите, кои навистина прават оваа традиција да биде сѐ подобра и подобра. Привилегијата што ја има Скопје да биде на мапата на градови, коишто имаат маратон, а сите оние бенефити што ги има, не се само промотивни, туку и спортски и секако туризмот.  Илјадници луѓе секоја година доаѓаат во нашиот град и го носат во најдобар спомен, и тоа е нешто што навистина заслужува сечија поддршка. Мислам дека тие со својата работа ја подигнаа и културата на живеење кај нас. Сите ние научивме дека треба повеќе да се грижиме за себе и за своето тело, повеќе да рекреираме и навистина им честитам за тоа што го прават и им посакувам уште многу години успешна реализација,“ изјави Даниел Димевски, Претседател на МОК.

    Град Скопје е долгорочен покровител на настанот Виз Ер Скопски маратон, којшто како настан е симбол на спортскиот дух на град Скопје, македонскиот спорт и здравите навики.

    „Ми претставува огромна чест и задоволство да бидам дел од еден ваков настан, успешен, а и не само на Град Скопје, туку и лично на мене како тркач, а секако и чест и задоволство е да седам до еден ваков успешен човек и спортист. Градот Скопје, заедно во својство со Сојузот на спортови на Скопје, – благодарност исто и до МОК, – заедно со Делегацијата на Европската Унија, којашто е присутна во Република Македонија, заедно со Министерството за внатрешни работи, со Армијата на Република Македонија, со Црвениот Крст на Град Скопје и на Куманово, заедно со сите атлетски клубови, коишто се присутни во градот Скопје, има особена чест и задоволство да го потпомогне овој маратон и ова спортско натпреварување. За таа прилика Градот има издвоено 900.000 денари од градскиот буџет и напоредно сите градски јавни претпријатија се вклучени во директна помош и поддршка, со цел да може оваа спортска манифестација да се заврши на најдобар можен начин. Сакам исто така да истакнам дека ова не е само спортска манифестација, туку исто така и културна, економска и туристичка манифестација. Град Скопје, минатата недела доби една огромна титула, кадешто од страна на Европската комисија, е прогласен за Европска претстолнина на културата. Така што тоа значи еден дополнителен импакт, којшто директно ќе се прелее, не само на оваа спортска манифестација, со дополнителни средства и организациски можности во наредниот период, туку исто така и на сите останати културни манифестации, изградба на инфраструктура, изградба на објекти, кадешто ќе можеме на сите граѓани на Скопје и туристи и чинители, кои имаат можност да ги користат убавините на градот Скопје, дополнително да го збогатиме животот и содржините, врз основа на кои ќе можеме градот Скопје, а воедно и нашата држава да ја

    истакнеме што подобро во рамките на, не само на европското семејство на европските народи, туку и пошироко и во регионот и во целиот свет. Уште еднаш сакам огромна благодарност да истакнам до организаторот Сојуз на спортови, до МОК, МВР, Армијата, до Црвениот Крст, до атлетските клубови, до учесниците, кои се пријавија и сакам да им дадеме поддршка на нашите спортисти, кои ќе учествуваат. Секако сакам да упатам и јавна покана до жителите на градот Скопје, жителите на околните населби и на другите градови во Република Македонија, заедно со своите семејства, со своите пријатели, со своите комшии, да дојдат и да ги поддржат овие натпреварувачи, кои ќе учествуваат во трката за на крај заеднички да биде успехот по завршетокот на оваа манифестација,“ изјави Зоран Глигоров, Секретар на Град Скопје

    Едно од успешните имиња во македонската атлетика е секако Дарио Ивановски, кој во недела очекува нов рекорд.

    „Би сакал пред сѐ да се заблагодарам на дел од екипата на маратонот, посебно на организаторот. За себе можам да кажам дека сум во одлична форма, врвна форма, тоа си го докажав пред неколку недели, кога станав Балкански Шампион на полумаратон и од тој момент со тој резултат верувам дека можам да постигнам нов државен рекорд и дека ќе го извадам најдобриот резултат за да се пласирам на Олимписките Игри во Париз. Во 2021 година победив на маратонот во Скопје, но тогаш реално немав многу конкуренција. Овој пат сакам да победам исто така на Виз Ер Скопскиот маратон, – и иако ќе има натпреварувачи од Кенија, секако сум во добра форма и верувам дека ако го истрчам најдоброто што можам да го истрчам, или пак ако сум блиску до мојот личен, дека има шанси и за победа во севкупната категорија. Исто така многу ми е мило што ќе биде државно првенство, што имаме шанса да се покажеме пред најблиските и ги поканувам сите да дојдат и да навиваат, бидејќи ова е денот за нас, ова е денот кадешто јас можам да покажам како работам напорно секој ден, сѐ посилно и посилно до наредните цели,“ изјави Дарио Ивановски

     Дарио верува силно во својата спремност и подготвеност за маратонот во недела, но тоа секако е резултат на посветеноста и подготовките за истото.

    „Во Белград кога трчав на полумаратонот, истото беше почеток на подготовките и бев премногу задоволен како настапив на тој полумаратон и верувам дека сега можам да се држам рамо до рамо со најдобрите. Мислам дека сите сме Скопски маратон, треба сите напорно да се вложиме, бидејќи овој маратон припаѓа на сите, затоа што ние треба да оставиме добар впечаток кај младите,“ дополни Ивановски.

    Синадиновски упати и потсетување до сите тркачки и тркачи за подигнувањето на стартните пакети за 19то издание на Виз Ер Скопски маратон.

    „Од утре почнува издавањето на стартните пакети за сите учесници во Спортскиот Центар Јане Сандански, во петок и сабота, од 10 до 20 часот, а ги повикувам и сите граѓани да дојдат, затоа што ќе има еден мини спортски саем, кадешто дел од нашите партнери и други заинтересирани компании ќе ги претстават своите производи и тука ќе се подигнуваат и стартните пакети. А во сабота вечер, во 19 часот, заедно во соработка со Италијанската Амбасада во Скопје, организираме и една мала забава, „Pasta Party“, којашто е вообичаена за сите маратони во светот, па затоа ги повикувам и сите заинтересирани да дојдат на таа забава. Еден купон за паста ќе чини 100 денари, но сите собрани средства ќе одат во хуманитарни цели, во здружението „Проект Среќа“,“ дополни Кире Синадиновски.

    Присутните на „Pasta Party“ ќе ги забавува легендарниот ДЈ Ерик Фокс.

    Секој пријавен учесник ќе може да го подигне својот стартен пакет единствено од 29ти до 30ти септември 2023 на Маратон и Спорт Експо 2023, во Спортскиот Центар „Јане Сандански“ во населбата Аеродром во Скопје. Подигнувањето на пакетот ќе може да се изврши само со документ за идентификација или потврден мејл од пријавата, а на 1ви октомври 2023 во недела, на денот на трките, нема да биде овозможено издавање на стартни пакети.

    Воедно, Јуроп хаус Скопје ги поканува сите спортски ентузијасти и поддржувачи на маратонот, во недела од 9:30 до 14:00 часот да им се придружат во нивната фан зона, сѐ со цел да се бодрат учесниците и да учествуваат во уникатната работилница за цртање патики со илустраторот Dreadpen, како и во музичкиот настап на Емили Нас. Фан зоната ќе се постави пред канцелариите на Европската Делегација во Скопје, каде ќе има и ретро фото кабина за присутните да креираат забавни селфи фотографии. Сите детални информации за пријавување во работилницата за цртање патики, можат да се најдат на социјалните канали на Јуроп хаус Скопје.

     Учесниците на маратон, полумаратон и штафетната трка, на стартот ќе бидат распоредени во 4 стартни боксови според соодветно одбраното таргет време, при процесот на пријавување. 

    А пак учесниците на трката на 5км, ќе бидат распоредени во засебни стартни зони, означени во зоната на старт со името на трката.

    Таргет времињата за маратон се следни: бокс 1 – таргет време под 3:10:00, бокс 2 – таргет време од 3:11:00 до 3:30:00, бокс 3 – таргет време од 3:31:00 до 4:00:00, бокс 4 – таргет време над 4:01:00. Таргет времињата за полумаратон се следни: бокс 1 – таргет време под 1:40:00, бокс 2 – таргет време од 1:41:00 до 1:50:00, бокс 3 – таргет време од 1:51:00 до 2:00:00, бокс 4 – таргет време над 2:01:00.

    За штафетните измени 1 и 3, правилата се следни, – на штафетна измена бр.1  чека натпреварувачот на кој стартниот број му завршува со 2. На штафетна измена бр.3 чека натпреварувачот на кој стартниот број му завршува со 4. (бул. Димитрие Чуповски – пред гимназијата Јосип Броз Тито). А на штафетната измена бр. 2  чека натпреварувачот на кој што стартниот број му завршува со 3 (бул. Димитрие Чуповски – карши Центар Бар).

    Тркачите на маратон, полумаратон, штафетниот маратон „ЕУ за спорт“, ќе тргнат од кај старата Градска општа болница, ќе поминат низ плоштад „Македонија“ и од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов се упатуваат кон Хром. Учесниците на 5км, својата трка ќе ја започнат од „Рекорд“, кон Булевар Трета Македонска Бригада. Финишот односно целта за сите трки е низ Порта Македонија на Плоштад Македонија.

    Поточно, за маратон, полумаратон и штафетната трка, стартот на трката ќе биде на улицата 11 Октомври, пред Собрание на Р. Македонија и ќе тргне во правец кон Плоштад Македонија низ Порта Македонија. Од плоштадот натпреварувачите се упатуваат од страната на кафе бар Тренд на улицата Никола Вапцаров, каде ќе продолжат по Димитрие Чуповски сѐ до раскрсницата со бул. Климент Охридски, каде вртат лево и се движат до крстосницата кај Нова Македонија. Потоа вртат десно на бул. Свети Кирил и Методиј, од каде по излегувањето од кружниот тек кај Католичка црква, се приклучуваат на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов. Се трча до крај на овој булевар и потоа се продолжува право по ул. Васил Чакаларов и по семафорите во нас. Хром се врти полукружно и се враќаат во правец кон Центар по истите улици и булевари. При враќање кај Собрание на РМ, продолжуваат по улица 11 Октомври кон Црвен Крст и вртат на Тутунски комбинат лево на бул. Крушевска Република и десно на Трета Македонска Бригада и се движат сѐ до раскрсницата со бул. Србија, каде натпреварувачите вртат лево, влегувајќи во спротивен правец на бул. Србија и се движат до раскрсница со бул. Јане Сандански, каде исто така вртат лево во спротивен правец и се движат до раскрсницата со Васко Карангелевски (Сансет), каде вртат полукружно и се враќаат по истите улици се до Плоштад Македонија.

    Трката на 5 километри стартува од пред Собрание на РМ (на Рекорд) во правец на Црвен Крст. Tркачите вртат кај Тутунски комбинат лево на бул. Крушевска Република и десно на Трета Македонска Бригада, сѐ до раскрсницата помеѓу 3та Македонска бригада и Коста Новаковиќ. Потоа натпреварувачите вртат полукружно и се враќаат до Плоштад Македонија.

    Сообраќајот во недела, долж патеката на Виз Ер Скопскиот маратон, ќе биде затворен од 07:30 часот сѐ до 13:30 часот.

    Организаторите уште еднаш ги повикуваат сите, да дојдат на патеката во недела и да ги бодрат и поддржат натпреварувачите, затоа што позитивната енергија, да, ја делат тркачите, но и сите мали и големи посетители, кои со креативни транспаренти и оваа година се очекува да ги бодрат натпреварувачите. Бројните транспаренти, кои со сигурност ќе измамат насмевки на лицата на тркачите и јавноста, како и секоја година ќе бидат лоцирани, а кои ќе бидат прогласени како најдобри, ќе се објави дополнително по настанот.

    Дали ќе се срушат нови рекорди оваа година на Виз Ер Скопскиот маратон, ќе открие неделното утро.

    Повеќе информации за 19. Виз Ер Скопскиот маратон можат да се најдат на официјалната веб страница: http://skopskimaraton.com.mk/.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично