ПОВЕЌЕ

    Пред интерконекторите со Грција и Србија, Македонија си обезбедува гасен пазарен оператор

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија прави чекор кон отворен пазар на природен гас, а улогата на клучен играч во тој процес му се доверува на друштво коешто веќе го докажа своето место во енергетскиот сектор. Владата денеска ги усвои заклучоците за формирање оператор на пазарот на природен гас, а задачата да го изгради и раководи со тој пазар му се препушта на МЕМО ДООЕЛ Скопје – истото друштво коешто веќе години наназад успешно управува со пазарот на електрична енергија во земјата.

    Одлуката, соопштена од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, значи дека МЕМО ДООЕЛ сега добива обврска да ја започне постапката за воспоставување на функционален пазар на гас, во согласност со законските прописи од областа на енергетиката. Друштвото ќе мора да изготви сеопфатен план којшто ги опфаќа сите организациски, технички, ИТ, легислативни и финансиски аспекти на новата задача, а потоа најмалку еднаш на секои три месеци ќе треба да ја известува Владата, ресорното министерство, Министерството за финансии и Регулаторната комисија за енергетика за напредокот.

    Иако правната основа за уредување на пазарот на гас како регулирана дејност од јавен интерес постои уште од 2018 година, кога беше донесен Законот за енергетика, институционалната структура за гасниот сектор се гради дури во последниве години. За разлика од електроенергетскиот пазар, каде МЕМО веќе одамна функционира како воспоставен и оперативен систем, гасниот сектор во земјава сè уште чека на својата институционална рамка.

    При изборот на решение, министерството тврди дека ги анализирало различните модели во регионот – од целосно либерализираните системи какви што функционираат во Австрија и Унгарија, до хибридните модели присутни во Грција, Хрватска, Бугарија и Романија. Заклучокот бил дека формирањето сосема нов, посебен субјект би барало значително подолг период за имплементација, повисоки административни и оперативни трошоци, како и покомплицирани процеси. Наспроти тоа, МЕМО ДООЕЛ веќе располага со функционална ИТ-платформа, развиен систем за пазарно порамнување и искуство во управувањето со енергетски пазари – предности коишто, според министерството, го прават најрационално, најповолно и најбрзо решение.

    Зад административната одлука стои и поширока стратешка сметка. Земјата интензивно работи на изградба на гасни интерконектори – оној со Грција треба да биде пуштен во употреба во средината на 2027 година, а интерконекторот со Србија до крајот на 2028 година. Овие проекти треба да отворат пристап до нови извори на снабдување, вклучително и до LNG-терминали, и да овозможат нов бран трговски текови на гас. Без функционален пазарен оператор, инфраструктурата остана нецелосна и на некој начин неупотреблива, бидејќи не постои механизам преку кој гасот реално би можел да се тргува на пазарен начин.

    Формирањето на операторот, според министерството, треба да го означи преминот од првична фаза на либерализација кон созревање на гасниот пазар – со транспарентни, пазарно формирани цени и воведување ефикасни балансни механизми, што во крајна линија би требало да се одрази и врз крајните потрошувачи. Чекорот истовремено се поврзува и со исполнувањето на обврските на земјата кон европската регулаторна рамка и кон целите на Енергетската заедница за интеграција со регионалните пазари.

    Министерството додава дека со ангажирање на веќе постоечките капацитети на МЕМО ДООЕЛ, наместо формирање сосема нова институција, се остваруваат заштеди на јавни средства, а преминот кон функционален гасен пазар се очекува да биде побрз и посигурен. Од ресорот најавуваат дека ќе останат во блиска координација со сите релевантни институции за да се обезбеди навремена реализација на донесените заклучоци.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично