Растат каматите за депозитите, паѓаат на кредитите, покажуваат октомвриските движења забележани во статистиката на Народната банка. По оствареното годишно зголемување од 0,40 процентни поени, просечната камата што се пресметува на вкупните депозити изнесува 2,07 проценти. Намалувањето кај стапката што се однесува на кредитирањето е за 0,11 процентни поени, исто така на годишно ниво. Во десетиот месец е 5,38 проценти.
Инаку, месечните промени велат – кај кредитите падот е за 0,03 п.п, а кај депозити има плус од 0,06 п.п.
Просечната каматна стапка на новоодобрените кредити во октомври изнесува 4,81% и бележи месечно и годишно намалување од 0,17, односно 0,74 п.п. За новопримените депозити каматата се зголемува и месечно и годишно – за 0,24 и 0,52 п.п., па достигнува 2,84%.
Вкупните кредити на компаниите во октомври имале просечната стапка од 5,09%, која е намалена за 0,06 п.п. на месечно ниво, поради падот на каматите кај сите видови заеми одобрени од банките. Оттаму, на годишно ниво има надолно поместување за 0,28 п.п.
Негативно движење од месечни 0,13 п.п е регистрирано кај стапката на новоодобрените кредити, која изнесува 4,65%, и тоа како резултат на падот на каматите за денарските кредити без и со валутна клаузула. Споредено со ланскиот октомври, има намалување од 1,06 п.п.
За депозитите на компаниите се посочува дека просечната камата во октомври е повисока за 0,08 п.п. и изнесува 2,42%. Ова се толкува со растот на стапките предвидени за сите видови депозити. На годишно ниво, пак нагорното движење е измерено со 0,46 п.п.
Новите депозити во десетиот месец имале камата од 2,75%, со месечен раст од 0,61 и годишен за 1,24 п.п.
Нема месечни промени кај просечната каматна стапка на вкупните долгови од граѓаните, додека на годишна основа има зголемување од 0,06 п.п. Стапката е 5,66%.
Новите кредити одобрени во текот на октомври оделе со просечни 5,17%. Бележат месечен пад од 0,10 п.п., ззаснован врз намалувањето на стапките кај денарските кредити без и со валутна клаузула. За една година е поиска за 0,11 п.п.
За вкупните влогови на домаќинствата во октомври била пресметувана просечна камата од 2,02%, што претставува месечен раст од 0,05 п.п. „Нагорната промена се должи на растот на каматните стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на каматните стапки на депозитите во странска валута (за 0,05 п.п. и 0,04 п.п., соодветно), при пад на каматните стапки на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,09 п.п.)“, пишува во информацијата на НБРСМ. На годишна основа има зголемување од 0,38 п.п.
Кај новопримените депозити на домаќинствата во октомври се применувала камата од 2,89%. Бележи месечно зголемување од 0,10 п.п. поради повисоките стапки на девизните и на денарските влогови без валутна клаузула. Годишното движење е со позитивни 0,32 процентни поени.