
Објектот „Бамби“ во рамките на детската градинка „Срничка“ во Општина Аеродром за првпат доби термофасада, со што значително ќе се подобрат енергетската ефикасност и условите за престој на децата. Инвестицијата е реализирана со донација од ТИТАН Усје, како продолжение на долгогодишната соработка на компанијата со локалната заедница во унапредувањето на образовната инфраструктура.
Со оваа инвестиција ќе се овозможи подобра топлинска изолација, намалување на трошоците за загревање во зимскиот период и попријатна температура во просториите во текот на топлите летни денови. Истовремено, објектот добива посовремен изглед и подобри услови за секојдневен престој и развој на децата.
Главниот извршен директор на ТИТАН Усје, Константинос Николаoу истакна дека проектот е дел од долгорочниот пристап на компанијата кон поддршка на заедницата и создавање конкретни и одржливи подобрувања во средината во која работи.

„За нас, поддршката на локалната заедница значи иницијатива која носи конкретна и долгорочна вредност. Новата термофасада на градинката „Бамби“ ќе овозможи подобри услови за децата и вработените, но и поефикасно користење на енергијата во објектот. Токму ваквите проекти, кои истовремено придонесуваат за подобар квалитет на престој и за поголема енергетска ефикасност, се важен дел од нашето долгогодишно партнерство со општините и образовните установи“, изјави Николаoу.
Градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески ја потенцираше важноста на соработката со деловниот сектор во создавањето подобри услови во јавните установи на територијата на општината.
„Наш приоритет е децата во Аеродром да престојуваат во безбедни, современи и функционални објекти. Новата термофасада на градинката „Бамби“ е конкретно подобрување што ќе го почувствуваат и децата и вработените, а истовремено ќе придонесе за поефикасно користење на енергијата. Ваквите партнерства покажуваат дека со заеднички ангажман на локалната самоуправа и општествено одговорните компании можеме побрзо да создаваме подобри услови за нашите најмлади жители“, изјави Митески.
Проектот е дел од континуираните активности на ТИТАН Усје во соработка со локалните власти за подобрување на условите во училиштата и детските градинки. Преку инвестиции во енергетската ефикасност, компанијата придонесува и кон намалување на потрошувачката на енергија, а со тоа и на емисиите на јаглероден диоксид, што е една од главните заложби на компанијата.
Во рамките на проектот „Партнерство со училиштата“, која се реализира во општините Кисела Вода и Аеродром, ТИТАН Усје од 2010 година досега инвестираше повеќе од еден милион евра во унапредување на образовната инфраструктура, енергетската ефикасност и безбедносните услови.
ТИТАН Усје ја продолжува својата заложба за долгорочно партнерство со заедницата и поддршка на иницијативи што придонесуваат за поквалитетна, побезбедна и поодржлива средина за идните генерации.
Аналитика








