Економското закрепнување на Соединетите Држави е далеку од завршено и може да се претвори во опаѓачка спирала доколку нема ефективна контрола на коронавирусот, предупреди претседателот на Федералните резерви (ФЕД) Џером Пауел денес, повикувајќи на поголема помош за компаниите и домаќинствата.
„Економската експанзија сè уште е далеку од завршена“, рече Пауел во изјавата пред Националното здружение за економија, пренесува Ројтерс.
Тој истакна дека дури и ако заздравувањето едноставно се забави премногу, тоа може да доведе до „трагични“ последици за луѓето во послаба финансиска состојба, до продлабочување на нееднаквоста и ситуација во која „слабоста се храни со беспомошност“.
Во таква ситуација, рече тој, официјалните лица треба да преземат ризик да дадат повеќе, не помалку, на оние на кои им е потребно, индиректно повикувајќи ги членовите на Конгресот и администрацијата на претседателот Доналд Трамп да насочат поголема сума во нивната дебата за тоа колку повеќе пари да потрошат.
„Премалата поддршка ќе доведе до млако закрепнување, создавајќи непотребни тешкотии за домаќинствата и деловните субјекти. Ризиците од прекумерна поддршка засега се чини дека се помали. Дури и ако на крајот се покаже дека мерките за поддршка се поголеми отколку што е потребно, тие нема да пропаднат. Закрепнувањето ќе биде посилно и побрзо “, додаде Пауел.