ПОВЕЌЕ

    Осигурувањето здравјето го чува: За три месеци вложени шест милиони евра од граѓаните и компаниите

    Време зa читање: 2 минути

    Вложувањата во неживотно осигурување достигнаа три милијарди денари или 48,7 милиони евра во првите три месеци од годинава. Споредбата на овие со податоците од истиот период лани покажуваат дека граѓани, фирми и институции сега вложиле 7,9 милиони евра повеќе, што е натфрлање од 19,5 насто. Склучени се над 369.000 договори за осигурување, а тоа е за 20 проценти повеќе од периодот јануари-март 2022. Ова се показателите со кои располага Агенцијата за супервизија на осигурување, врз основа на информациите доставени од 11 компании за неживотно осигурување.

    Здравственото осигурување, приватно или дополнително, привлекува најголемо внимание. Податоците покажуваат дела е тоа најбрзорастечката класа во осигурувањето. За оваа намена се склучени повеќе од 11.700 договори. Тоа е 50 насто повеќе во однос на првото ланско тримесечје. Бројките говорат – 367,5 милиони денари или речиси шест милиони евра се вложени во приватното здравствено осигурување од страна на граѓаните и компаниите, со што е пројавен интерес за 62 насто повисок од оној во споредбениот период.

    Кај осигурувањето на имот, кое е веќе традиционално присутно и се смета за најголемата доброволна класа, измерен е пораст од 10,5 проценти. Се работи за 612 милиони денари или приближно десет милиони евра, колку што достигнале вкупните вложувања на граѓаните и фирмите. Во овој сегмент се направени 38.500 договори, што упатува на шестпроцентно зголемување во однос на ланскиот период.

    Добро котира и осигурувањето возила. Вкупната продажба на каско полиси е 272 милиони денари, односно 4,4 милиони евра. Зголемувањето тука е за еден милион евра, или 26 насто повеќе од првиот квартал во 2022 година.

    Патувањата во странство, кои се интензивирале во првото тримесечје, се ефектуирале во продажбата на патничкото осигурување, донесувајќи му 44 милиони денари или 714 илјади евра. Растот е 45 проценти. Продадени се 64.000 полиси, што е за 44 насто повеќе од оствареното во периодот јануари-март лани.

    Вообичаено, најголемото учество во вкупната продажба на неживотни осигурување произлегува од осигурувањето од автомобилска одговорност, кое е задолжително со закон. Во првите три месеци е забележан раст од 13 проценти, односно осигурениците вложиле 1,18 милијарди денари, односно речиси 19,2 милиони евра.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично