ПОВЕЌЕ

    АПРИЛ НЕ СЕ МОЖЕ БЕЗ 60 ИЛЈАДАРКИ – Од декември минималната кошница поскапа за 3.990 денари

    Време зa читање: 3 минути

    Априлската минимална кошница ја пречекори границата од 60 илјади денари. Синдикалците пресметале дека за врзувања на април на четиричлено семејство, кое има свој дом, му се потребни 60.212 денари. За оние кои живеат под кирија, во стан од 60 квадрати, математиката покажала – 75.587 денари.

    Пресметките по новата методологија ССМ почна да ги прави од декември лани, кога на дотогашните осум, беа додадени уште три ставки. А, како опција беше внесено и домувањето, дали во сопствено или во изнајмено живеалиште.

    Оттаму, декемвриското салдо беше 56.222 денари за семејство со и без стан – 71.972 денари. Па, оттогаш, до последнава априлска статистика, кошницата натежнала за 3.990, односно за 3.615 денари. А, само за еден месец, од март до април – 1.214 денари.

    Или, трошоците полека, но сигурно земаат замав.

    Најголема болка за секое просечно семејство е како да ги намири најосновните потреби, при што секогаш предност им се дава на храната и сметките.

    За април, пресметките на ССМ велат дека само храната и пијалаците зафаќаат 22.200 денари или 36,9 отсто. Што е нешто под минималната плата, која по зголемувањето во март изнесува 22.567 денари. Понатаму, за облека и обувки се потребни 4.866 денари или 8,1 отсто. За режиските трошоци – за станарина, вода, електрична енергија и греење – 6.014 денари, односно 10 проценти. Личната хигиена и одржувањето на хигиената во домот чинат 1.827 денари (3 %), за здравје се двојат 1.059 денари (1,8 %), а за транспорт – 5.068 денари (8,4 %).

    ПАРАДОКС: ЗА 10 ГОДИНИ ИМА НАД 1.000 ПРОФЕСОРИ ПОВЕЌЕ, а студентите „СЕ ТОПАТ“?!

    Освен тоа, секое семејство има и други потреби. Меѓу нив и комуникации, кои за просечно четиричлено семејство изнесуваат 3.004 денари, што значи пет проценти од минималната кошничка. Потоа, за рекреација и култура 4.378 денари (7,3 %), за образование 6.955 денари (11,6 %), за ресторани и хотели 3.890 денари (6,5 %) и за останати стоки и услуги 950 денари или 1,6 отсто.

    Ова се бројките базирани на трошоците што ги има просечното семејство кое има сопствен покрив. Април е за 15.375 денари поскап за оние што плаќаат наемнина.

     

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично