ПОВЕЌЕ

    Нови правила на Македонска берза: Континуирана обука и едукација на брокерите

    Време зa читање: 3 минути

    Новите Правила за членство на Македонска берза, со кои се менуваат и осовременуваат постојните кои се во функција повеќе од една деценија, ја добија согласноста од Комисијата за хартии од вредност.

    Како главни новини се наведуваат усогласувањето со законските одредби  за квалификувано учество, од аспект на податоците кои се доставуваат до Берзата. Понатаму, подзаконските акти како што е Правилникот за кадровските, техничките и организационата оспособеност за основање и работа на овластено правно лице за вршење на услугите со хартии од вредност, кој предвидува услов за најмалку два овластени брокери. Но, и Одлуката за начинот и работа со посебната сметка која детално ги пропишува правилата за постапување со паричните средства на клиентите.

    Новина е и предвидената обука на брокерите пред полагање на стручниот испит, со цел добивање пристап до БЕСТ системот. Континуираната обука на брокерите е неопходна заради одржување на знаењата и вештините потребни за тргување преку БЕСТ системот, со што ќе се овозможи посеопфатна едукација за актуелни прашања од областа на хартиите од вредност. Исто така, со новите Правила се врши и јасно разграничување на кадровските, техничките и организационите услови за прием во членство.

    „Донесувањето нови Правила за членство на Берзата е направено за со цел да се модернизираат постојните Правила и нивно усогласување со законските и подзаконските акти коишто се донесени или изменети во меѓувреме“, објаснија од Македонска берза.

    Во коментарот за промените што го добивме од Берзата, понатаму се наведува: „Оттука, позначајните измени во новите Правила се однесуваат токму на усогласувањето со законските и подзаконските акти, со истовремено воведување одредени новини во насока на помали модификации на условите и потребната документација за прием во членство во Берзата, правата и обврските на членките и соодветна имплемантација на одредби од областа на заштита на лични податоци“.

    Притоа, ја нагласуваат важноста на обуката на брокерите.

    „Како поголема новина, за истакнување е делот од Правилата за членство во врска со едукацијата на брокерите. Односно, подеталното уредување на проблематиката на организирање обуки и едукативни настани од страна на Берзата. Сето тоа заради одржување на знаењата и вештините на брокерите за тргување со хартии од вредност преку БЕСТ системот, како и обуки и едукативни настани во врска за актуелни прашања од областа на хартиите од вредност во функција на континуирана едукација на овластените пазарни учесници”, посочуваат од Македонска берза.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично