ПОВЕЌЕ

    Не се штедело во нетрговските трансфери на акции – Подароци и од шест милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Интересна и богата седмица во нетрговските трансфери. Над шест милиони евра е вредноста на акциите подарени од Комерцијална банка, а повеќе од еден милион евра на „Гранит“. Нешто поскромен – 780 илјади евра, е дарот сочинет од акциите на скопската Стопанска банка.

    Нови сопственици, пак, имаат вкупно 87.432 акции издадени од домашните компании и банки. Рекорден е бројот забележан во минатонеделните нетрговски трансфери. Дарителите имале особено широка рака во четвртокот, кога низ овој процес минале 80.979 хартии од вредност. Меѓу кои се и 39.003 на „Гранит“, 16.250 на Комерцијална и 24.410 на Стопанска банка.

    Просечната единечна за акција на скопската градежна компанија е 1.645,87 денари, според петочната официјална берзанска листа. Оттаму, тие 39.003 наследени, подарените или дадени акции на „Гранит“ за некоја друга законски предвидена намена, се во износ од над еден милион евра.

    Математиката со акциите на Комерцијална вели: 16.250 обични акции по просечната цена од 24.975,96 денари е еднакво на 405.859.350 денари. Или, близу 6,6 милиони евра.

    Обичната акција на Стопанска банка Скопје во петокот имала просек од – 1.964,00 денари. Низ нетрговските трансфери минале 24.410 обични акции, што претставува сума од 779,5 илјади евра.

    Во податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност, објавени на Македонска берза, забележан е трансфер и на поголема количина акции од „Македонски телеком“. Станува збор за 2.559 обични акции. И со оглед на просечната цена од 410,29 денари, тие вредат повеќе од 17 илјади евра.

    Исто така, во неделната статистика се заведени и повторувања.

    Во три наврати сопственоста се пренесувала кај акциите на неколку компании. Таков е примерот на „Макстил“, каде што редоследот е 485, 378 и 379 обични акции. Вкупно 1.242.

    Исто е и со акциите на компаниите произлезени од некогашната скопска Железара. Акциите на РЖ „Техничка контрола“ се трансферирани – прво 9, па 7 и на крајот уште 6; на РЖ „Економика“ – 21, 16 и 17 обични акции; на РЖ „Интер-Трансшпед“ – 22 и на двапати по 17; а издадените од РЖ „Услуги“ – 178, 139 и 140 обични акции.

    На трипати се трансферирани и акциите на „Уготур“: 23 и уште на двапати по 18 обични акции.

    Во статистиката е забележано дека во два наврати биле подарувани акциите на „Алкалоид“, прво 483, а потоа и 116, како и на „Макпетрол“ – 20, па 350 обични акции. Во оваа група е и Комерцијална банка, односно со нејзините акции имало уште еден трансфер на 105 обични акции.

    Хартиите од вредност на „Либерти“ се чести во нетрговските трансфери, овојпат се нотирани 703. Нов сопственик имаат и 650 акции на „Македонијатурист“, 421 на „АрцелорМиттал“ (ХРМ) и 380 на НЛБ банка.

    Во минатонеделните преноси се регистрирани 49 обични акции на „Фустеларко Борец“ АД Битола, 34 на БИМ АД Свети Николе и 9 на „Нова стоковна куќа“ АД Струмица.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично