ПОВЕЌЕ

    Не програмери, туку техничари и возачи: Европа бара милиони работници

    Време зa читање: 3 минути

    Европа има работа и тоа во милионски бројки. За само една година низ европските земји биле огласени повеќе од 10 милиони работни позиции, а најголемата побарувачка не е само за висококвалификувани експерти, туку за техничари, машински работници, оператори, возачи и административен кадар.

    Анализата на BestBrokers, изработена врз основа на податоци од Евростат и Европската мрежа за вработување EURES, го опфаќа периодот од 1 април 2025 до 31 март 2026 година.

    Апсолутен рекордер е Холандија, каде што за една година биле огласени околу 2,83 милиони позиции. Веднаш зад неа е Германија со повеќе од 2,4 милиони. Само овие две земји заедно имале повеќе од 5,2 милиони огласени работни места.

    Но, најинтересниот дел од анализата е кого всушност бара Европа.

    На врвот се техничките работници, за кои биле огласени 731.953 позиции. Следуваат стручните административни и канцелариски кадри со 630.033 позиции и работниците во металната и машинската индустрија со 596.701 работно место.

    Голема е побарувачката и за оператори на машини и постројки – 522.808 позиции, како и за возачи и оператори на возила – 519.386.

    Само овие пет групи професии создаваат побарувачка од речиси три милиони работни места.

    За споредба, за стручњаци од информатичките и комуникациските технологии биле огласени 375.070 позиции. Тоа покажува дека европскиот недостиг од работна сила е особено изразен во индустријата, машинството, транспортот, логистиката и техничките професии.

    Во Германија, Франција, Австрија, Чешка и Романија најбарани се токму техничките работници. Само во Германија биле огласени повеќе од 239.000 позиции за ваков кадар.

    Сликата е различна во северниот дел на Европа. Во Шведска, Швајцарија, Норвешка и Лихтенштајн најголема е побарувачката за здравствени работници и кадар за грижа, додека во Финска најмногу се бараат ИКТ-професионалци.

    Големи се и разликите во стапките на вработеност.

    Малта е на врвот со 83,4 проценти, Холандија има 83,3, а Чешка 82,8 проценти. Просекот на Европската Унија изнесува 76,3 проценти.

    Северна Македонија е меѓу земјите со најниска стапка на вработеност – 64,4 проценти кај населението на возраст од 20 до 64 години. Под неа во анализата е Турција со 57,3 проценти, додека Италија е на 68 проценти, а Романија на 68,8 проценти.

    Истовремено, некои европски пазари забрзано создаваат нови работни места. Шпанија за една година добила околу 430.000 дополнителни вработени, Португалија околу 82.000, а Грција 34.000.

    Бројката од над 10 милиони огласени позиции не значи дека толку работни места биле слободни во ист момент, туку дека станува збор за вкупниот број позиции објавени преку EURES во текот на анализираните 12 месеци.

    Сепак, пораката од податоците е јасна. Европските компании имаат огромна потреба од кадар, а најголемата битка не се води само за програмери и високообразовани експерти.

    Европа сè повеќе бара луѓе што ќе ги движат фабриките, транспортот, машините, здравството и услугите.

    Работни места има. Сè поголемото прашање е дали има ли доволно работници за нив?

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично