ПОВЕЌЕ

    Народната банка интензивно вклучена во финансиското описменување на младите

    Време зa читање: 3 минути

    Народната банка во текот на последната учебна година изведе повеќе од 150 едукативни предавања за јакнење на финансиската писменост и инклузија, со голем број учесници – ученици, студенти, наставници и професори, како и деца од предучилишна возраст. Сето тоа во рамките на активностите во доменот на финансиската едукација преку обуки, едукативни презентации, материјали, натпревари, квизови и објави.

    Предавањата за учениците и студентите го одбележаа и годинешното издание на Глобалната недела на парите, насловена „Планирајте си ги парите, засадете ја иднината“, која беше посветена на одржливоста и подигнувањето на свеста од последиците на индивидуалното финансиско однесување, не само врз финансиската иднина, туку и врз животната средина и општеството. Заложбата на Народната банка е да ги поттикне младите луѓе да гледаат долгорочно при носењето на своите финансиски одлуки и да го имаат предвид влијанието врз животната средина и општеството. За таа цел, Народната банка изведе виртуелни предавања за учениците од основните училишта од руралните и од помалите градски средини. Со предавањата беа опфатени голем број ученици и професори.

    Учебната година, во чии рамки беше вклопена и финансиската едукација од Народната банка, заврши и со едукативен квиз за учениците од едно средно економско училиште, како и виртуелно предавање за студентите. Тие се запознаа со инфраструктурата на платните системи во земјата, видовите платежни услуги и нивниот развој последниве неколку години. Исто како и со основните карактеристики и придобивки од воведувањето на новиот Закон за платежни услуги и платни системи, кој стапи во сила на почетокот од годинава.

    Воедно, во текот на месецов, во соработка со Сојузот на математичари ќе се одржат предавања за подготовка на тимот на средношколци кој ќе ја претставува државата на Меѓународната економска олимпијада.

    За зголемувањето на финансиската писменост и финансиската инклузија на населението, посочуваат од Централната банка, предвидени се активности и во Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија 2021 ‒ 2025 година. Во услови на динамичен финансиски систем таа е сѐ попотребна за сите возрасти и за сите социјални слоеви од населението. Досегашното успешно работење се потврдува и со продолжувањето на соработката во доменот на финансиската едукација со ИНФЕ-ОЕЦД и Министерство за финансии на Холандија во рамките на Проектот за финансиска писменост и во наредниот петгодишен период од 2023 до 2027 година. Притоа, предност му се дава на натамошното подобрување на нивото на финансиската писменост на населението преку утврдувањето и спроведувањето на домашните стратегии и политики преку изработка на анализи, извештаи и препораки за градење капацитети приспособени на соодветните институционални потреби и стратегиските приоритети.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично