Нова акција наскоро, можеби веќе во текот на март, ќе и биде понудена на инвеститорската јавност. За берзанска промоција се подготвува стриминг платформата „Глеј“, која потенцијалните вложувачи ќе се обиде да ги привлече преку Македонска берза. Намерата е докапитализација на друштвото, што би значело обезбедување капитал за инвестиции во проекти со оригинална продукција. Одлуката да се емитува иницијална јавна понуда на акции (IPO) е донесена од страна на акционерите на „Свод Мастер“.
Зошто небанкарско финансирање на бизнисот преку пазарот на капитал? – го прашавме извршниот директор на „Свод Мастер“, Дарко Перушески.
„Кога почнувавме се обезбедија средства за старт-ап, да се дојде до одредено ниво, да докажеме дека платформата може да функционира, дека ќе има основен интерес кај публиката, да досредиме одредени технолошки процеси. Најмногу воведувањето на рекламите како значаен дополнителен извор на приходи. Тоа го направивме, ги докажавме сите тие параметри, остваривме одлична соработка со двата телекомуникацциски оператори, со локални бизниси… Што е најважно, успеавме да собереме најголем дел од македонската продукција. И, дојде моментот кога треба нешто плус. Баравме поединечни инвеститори, но од комуникација со луѓе од таа берзанска заедница произлезе овој предлог. Бевме на консултации и во Комисијата за хартии од вредност и во Македонска берза, присуствуваме на настани во рамките на БУМ клубот. Па, рековме – зошто не“.
Фирмата има четворица основачи, и вели Перушески, уште од самиот старт „Глеј“ е инклузивен проект. Заедничка е и одлуката – да се направи обид до потребните средства да се дојде – не преку апликација за банкарски кредит, туку на берза.
„Пионерски, да видиме дали може така и во Македонија да се дојде до капитал. Секаде рапидно се развиваат стриминг платформите, а и никој друг овде не направи стриминг платформа. Публиката го сака тој начин на гледање. Оттаму дојде идејата и надежта дека може да убедиме повеќемина за инвестиција. Убаво би било да инвестираат стотици, илјадници луѓе. Ќе се диверзифицира ризикот и полесно е да дојдеш до капитал. Наместо од еден да бараш пари, сумата ќе ја побараш од илјада“, посочува Перушески.
Од Македонска берза во повеќе наврати ја нагласуваат потребата од нови учесници на пазарот на капиталот, со оглед на релативно малата понуда на акции. Во тој контекст и Перушески смета дека доколку се поттикне ваквиот начин на финансирање и го прифатат повеќе фирми, тоа ќе е од голем интерес и за Македонската берза.
„Ова ќе биде и првата IPO на домашната берза од компанија, која преку постојано унапредување и развој на дигиталните услуги, ја задржува својата висока конкурентност на пазар кој глобално бележи раст“.
Што се однесува до „Глеј“, укажува дека во текот на работењето увиделе дека македонската програма е најбарана и најгледана, но недостасува континуитет:
„Бевме пасивни, во смисла чекавме некој нешто да направи финансирано од други страни, па ние да го домонетаризираме кај нас. Имавме обиди за ексклузивно, за оригинали, но генерално, бидејќи е тоа скап спорт, не можеше да се изведе во рамките на таа првична инвестиција. Од друга страна, следејќи ги и светските и регионалните успешни стриминг платформи, увидовме дека тој исчекор треба да се направи за да се избустира. Влезени сме во над 80 илјади домови, но тешко е да ги одржиш без континуитет на програмата“.
За понатамошните планови, извршниот директор наведува:
„Имаме проекција која ќе ја изложиме во бизнис планот во рамките на IPO. Продаваме програма и потребно е да има прво, наши оригинали и второ, континуитет и на домашната и на странската програма. Сакаме да помагаме во креација, во соработка со познати и признати продукциски куќи во Македонија. Ќе правиме проекти. Да го поттикнеме и обезбедиме тој развој. Потоа, некои ќе се дофинансираат со пари од телевизиите кои ќе бидат заинтересирани, но има најави дека и државата за таа намена ќе даде поддршка. Во сето тоа, битно е да направиме динамика на оригинали, на македонска програма, придружено со детска програма, странска, регионална, холивудска… Тоа го имаме веќе, но да добие позначајна динамика. А, ќе имаме и технолошки измени. Нетфликс е нашиот идол, но никој не може да ги достигне. Сепак, искуството на некои платформи од регионот покажуваат дека може да се влезе во зоната на самоодржливост и профитабилност. Има многу интересни можности, се отвораат перспективи, но затоа е потребна поголема количина пари и еве, сега ќе се обидеме преку берзата да дојдеме до средства“.
За да се стигне до зацртната цел, на оваа фирма и преостанува да ги доработи до домашните задачи, да поднесе барање до КХВ, а потоа и да се реализираат сите прцедури предвидени со правилата на КХВ и Македонската берза.
Инаку, со интенција да ги привлече малите фирми да се отворат и да пристапат кон домашниот пазар на капитал, Македонска берза во 2023 година го формираше клубот БУМ – Берзата и успешните во Македонија. На членките им обезбедува стратешка поддршка за нивен одржлив раст на долг рок и помага во поврзувањето со потенцијалните инвеститори.
М.А.