Онлајн промоција на „Најстари приказни” од Томислав Османли

Датум на објава: 29.05.2020

Време зa читање: 2 минути

На 2 јуни (вторник), со почеток во 19 часот, ќе се одржи онлајн промоција на новата книга „Нajстари приказни: Митови од мугрите на западната цивилизација” на Томислав Османли. Промоцијата ќе се одвива на платформата „Зум” (Zoom), а ќе може да се проследи на профилот на „Фејсбук” на „Литература.мк”.

Книгата што е во издание на „Либи”, дел од „Арс Ламина ‒ публикации”, содржи митови од архајскиот период на медитеранските култури, наративи дојдени до нас преку грчката култура и писменост или создадени во неа.

Во оваа мала книга писателот Томислав Османли преку своето вешто и искусно перо ни раскажува неколку приказни што оставиле и што сè уште оставаат печат врз културата и историјата.  Раскажувањето почнува со падот на древниот континент Атлантида и војната помеѓу титаните и боговите, што, пак, директно води кон даровите на Прометеј и отворањето на Пандорината кутија. Следуваат две големи авантури и патешествија: задачите на силниот Херкул и пловидбата на храбрите аргонаути – две приказни богати со претстави на борби, чудовишта, магија и љубов.

Прочитајте и ...  Висок поврат на ДДВ за фирмите: 206 милиони евра во прво полугодие и покрај COVID-19 кризата

Тројанската војна и враќањето на Одисеј, заедно со подвизите на Персеј, се приказните со кои Османли го затвора циклусот со избраните најстари повести, а на крајот, во јасен поговор, да ги објасни митовите и да го разјасни контекстот од кој потекнуваат.

Целта на оваа книга е на јасен и автентичен начин на младата читателска публика да ѝ се доближат најстарите приказни што се појавиле во мугрите на западната цивилизација. Зашто, „митовите се живите мечти дојдени од медитеранскиот дел на древниот свет во големиот современ свет – запечатени во културата и во колективното несвесно”. Со други зборови, колку и да се стари, овие приказни секогаш ќе останат „современи” заради возбудливите настани и силните етички пораки во нив.

Прочитајте и ...  Според LinkedIn ова се 10-те најбарани работни места во светот за кои не ви треба диплома

„Најстари приказни” веќе е достапна во книжарниците „Литература.мк” и онлајн на овој линк.


Тагови: антика, едукација, книга, најстари приказни, томислав османли, херкул,

Facebook профил: pari.com.mk

Инстаграм профил: pari.com.mk

@pari.com.mk

© Преземањето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови и изјави во авторска сопственост на порталот pari.com.mk е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува. Секое преземање фотографија означена со лого, без претходна согласност со pari.com.mk, е строго забрането.


Сподели: