
Ако се гледаат само цените, Македонија е најевтината земја во Европа. Но, ако се погледне подлабоко во бројките, станува јасно дека ниските цени не значат автоматски и повисок животен стандард. Напротив, тие најчесто се одраз на пониските приходи, па затоа економистите предупредуваат дека цените и платите секогаш треба да се анализираат заедно.
Според најновите податоци на Европскиот завод за статистика – Евростат, Македонија има најниско ниво на потрошувачки цени меѓу земјите опфатени во анализата. Индексот на цените изнесува 49,7, што значи дека производите и услугите кои во просек во Европската Унија чинат 100 евра, кај нас би чинеле околу 50 евра.
По Македонија следуваат Турција, Босна и Херцеговина, Романија, Бугарија и Србија, која исто така се вбројува меѓу европските земји со пониски цени. Според Евростат, вкупното ниво на потрошувачките цени во Србија достигнува 62,5 проценти од просекот на Европската Унија.
Но, токму Србија покажува дека просечниот индекс не ја открива целата слика.
Иако вкупно е меѓу поевтините европски држави, храната кај нашиот северен сосед е речиси на нивото на Европската Унија. Според податоците на Евростат, цените на храната и безалкохолните пијалоци во Србија достигнуваат 96 проценти од европскиот просек, што значи дека тие се повисоки отколку во Македонија, Бугарија, Романија, Полска, Чешка, Словачка, Босна и Херцеговина и Турција.
Уште поинтересно е што потрошувачката електроника во Србија е околу 30 проценти поскапа од просекот на Европската Унија, а апаратите за домаќинство се околу 11 проценти поскапи од европскиот просек.
Од друга страна, токму ниските цени на енергијата ја прават Србија една од поевтините земји во Европа. Струјата и греењето таму чинат околу 49 проценти од европскиот просек, што значително го намалува вкупниот индекс на потрошувачките цени.
На спротивниот крај од европската листа се Исланд, каде цените се 83,7 проценти повисоки од просекот на Европската Унија, Швајцарија со 81 процент, како и Данска, Ирска и Норвешка. Во рамките на Европската Унија, најскап е Луксембург, додека најевтина членка е Романија.
Економистите предупредуваат дека ниските цени сами по себе не се показател за квалитетот на животот. Во побогатите европски земји, иако производите и услугите се значително поскапи, високите плати им овозможуваат на граѓаните многу поголема куповна моќ. Наспроти тоа, во земји како Македонија и Србија, пониските цени често се придружени со значително пониски приходи.
Затоа, иако Македонија статистички е најевтината земја во Европа, тоа не значи дека животот е и најдостапен. Вистинската слика се добива дури кога покрај цените ќе се споредат и платите, куповната моќ и трошоците за секојдневниот живот.
Аналитика








