ПОВЕЌЕ

    Национална банка на Грција: Добивката по оданочување e 1,1 милијарда евра

    Време зa читање: 3 минути

    НБГ, која на крајот од месецов ќе одбележи 182 години постоење, за нас е интересна затоа што во нејзиниот состав делува Стопанска банка АД Скопје. Всушност, речиси 23 години Стопанска банка е во сопственост на Националната банка на Грција

    Зголемените приходи од камати и од провизии се основата врз која Националната банка на Грција постигнала извонредни резултати од работењето во текот на минатата година. Припишаната добивка по оданочување достигнала 1,1 милијарди евра, што претставува раст од 29 насто на годишно ниво. Основната профитабилност од речиси 700 милиони евра е многу над очекувањата кои биле на ниво од 500 милиони евра. А, во тој сегмент, во однос на 2021 година, натфрлувањето е од високи 57 проценти.

    Според објавените податоци – приходите од камати, на нето основа, пораснале за 13 проценти. Притоа, се потенцира дека значајно е намалувањето на нефункционалната изложеност. Исто така, се посочува дека под влијание на зголемениот број трансакции, остварени се приходи од провизии за 21 насто повисоки од претходната 2021. Наспроти ваквите движења, оперативните расходи се зголемиле за минимални три проценти, без оглед што работењето се одвивало во период на растечка инфлација и при повисоки трошоци за амортизација.

    Во НБГ се задоволни од кредитната експанзија, со годишен ефект од плус 2,5 милијарди евра. Само во последниот квартал од минатата година биле исплатени 2,7 милијарди евра, со што кредитирањето достигнало ниво од 27,7 милијарди евра. Или, како што наведуваат, тоа е „солидно зголемување од 1,2 милијарди евра“. Кредитите за фискалната 2022 изнесуваат 6,7 милијарди евра, што е речиси 40 насто повеќе во однос на истиот период од претходната 2021. Ова, се наведува во известувањето, е благодарение на претпријатијата, кои зафаќаат 83 проценти од вкупните одобрени кредити.

    Како сопствена конкурентска предност НБГ ја истакнува програмата за трансформација, која обезбедува брзи промени и постигнување на целта. Во тој контекст забележливо е подобрувањето на комерцијалната ефикасност, зголемената миграција кон дигиталните канали и континуираните напори за оперативна ефикасност преку рационализирање и автоматизација на процесите и надградба на технологијата, вклучително и тековната замена на основниот банкарски систем.

    За својата дигитална понуда, во чии рамки продажбата се зголемила за 34 насто на годишно ниво, од НБГ велат дека е надалеку препознатлива. Се вбројува меѓу врвните дигитални шампиони. Односно, се наоѓа во десетте отсто најдобри според глобалното истражување на „Дилојт“ за зрелоста на дигиталното банкарство во 2022.

    НБГ во извештајот потенцира дека со „ББ-“ го одржува највисокиот кредитен рејтинг во Грција. Подобра оценка е дадена од сите рејтинг агенции, а основа за тоа се структурните подобрувања во квалитетот на средствата, адекватноста на капиталот и основната профитабилност на Националната банка на Грција.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично