ПОВЕЌЕ

    „Бројките зборуваат сами за себе“ – Димитриеска-Кочоска со споредба на БДП, дефицитот и јавниот долг

    Време зa читање: 2 минути

    Димитриеска-Кочоска: Растот на БДП и буџетскиот дефицит покажуваат дали јавните пари се правилно насочени

    Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска оцени дека најдобар показател за тоа дали буџетските средства се правилно насочени се податоците за растот на бруто-домашниот производ (БДП) и буџетскиот дефицит. Таа ова го истакна во расправата по Предлог-измените и дополнувањата на Буџетот за 2026 година, која се одржува во рамки на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

    Според министерката, состојбата со јавниот долг и економскиот раст во изминатите години покажува какви ефекти имале буџетските политики.

    „Состојбата на јавниот долг во 2019 година беше 49%, а во 2020 година, кога буџетскиот дефицит достигна 8%, јавниот долг се зголеми на 59,7%. Во таа година постојано се повторува дека имавме корона-криза, но Државниот завод за ревизија објави податоци за средствата што биле насочени за поддршка на стопанството и за другите расходи кои не дале ефект врз економијата. Во 2020 година БДП забележа пад од 4,7%, а во 2021 година растот изнесуваше 4,5%, што не беше доволно да се надомести загубата од претходната година. Во исто време, буџетскиот дефицит беше 5,3%, а јавниот долг се искачи на 60,3%. Во 2022 година дефицитот беше 4,4%, а растот на БДП 2,8%. Ако ги погледнеме статистичките податоци, просечниот раст на БДП во периодот од 2017 до 2024 година изнесува 1,8%, додека денес имаме раст од над 3%, што јасно покажува дали парите се правилно насочени или не“, изјави Димитриеска-Кочоска.

    Општата расправа по Предлог-ребалансот на Буџетот за 2026 година започна вчера во Комисијата за финансирање и буџет и, согласно собраниските процедури, може да трае најмногу десет дена.

    Во вчерашното експозе министерката истакна дека ребалансот претставува одговор на променетите економски околности и инструмент преку кој Владата ги усогласува јавните финансии со реалните потреби на економијата, институциите, стопанството и граѓаните. Таа нагласи дека во услови на зголемена неизвесност во светската економија, неопходно е навремено да се препознаат ризиците, но и да се искористат можностите што се отвораат.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично