Домашните банки и во првите три месеци од годинава ја задржале стабилноста, продолжиле да ги зголемуваат кредитите и депозитите, а уделот на нефункционалните кредити се спуштил на историски најниското ниво од 1,9 проценти. Ова се наведува во Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2026 година, што денеска го усвои Советот на Народната банка.

Од централната банка оценуваат дека банкарскиот систем и натаму располага со силен капитал, доволна ликвидност и капацитет да се справи со евентуални економски шокови:
„Во првиот квартал од 2026 година, банкарскиот сектор ја задржа својата стабилност со високо ниво на солвентност и задоволителна ликвидност, и добар капацитет за справување со претпоставените шокови, како што покажуваат резултатите од спроведените стрес-тестови“.
Кредитната и депозитната активност продолжиле да растат, иако со побавно темпо отколку во претходниот квартал, што, според Народната банка, главно се должи на вообичаените сезонски движења во првите три месеци од годината.
Посебно се издвојува подобрувањето на квалитетот на кредитното портфолио и кај домаќинствата и кај компаниите.
„Квалитетот на кредитното портфолио се подобри и кај секторот домаќинства, и кај корпоративниот сектор, што придонесе за натамошно намалување на вкупната стапка на нефункционални кредити, којашто се сведе на историски најниското ниво од 1,9 проценти“, соопшти Народната банка.
Воедно, се истакнува и дека банките продолжуваат да работат профитабилно:
„Банкарскиот сектор остварува позитивен финансиски резултат, којшто е на ниво слично на она од истиот период минатата година, обезбедувајќи солидни показатели за профитабилноста“.
Од Народната банка порачуваат дека и натаму внимателно ќе ги следат состојбите во финансискиот систем.
„Народната банка и во иднина ќе биде претпазлива, постојано ќе ги следи ризиците и е подготвена да ги примени сите расположливи инструменти и мерки за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност“, се наведува во соопштението.
Покрај усвојувањето на Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор, Советот на Народната банка разгледал и усвоил повеќе материјали поврзани со тековното работење и надлежностите на централната банка.
Аналитика








