Кадровски промени во повеќе министерства, се менува распределбата на ресорите меѓу коалициските партнери и се проширува владејачкото мнозинство со влезот на Демократската партија на Турците (ДПТ). Тоа го носи реконструкцијата во владинните редови што ја презентираше синоќа премиерот Христијан Мицкоски.
Со реконструкцијата се укинува функцијата заменик-претседател на Владата задолжен за добро владеење, а надлежностите на овој ресор ќе преминат во Кабинетот на премиерот. Иако бројот на министерства останува непроменет, Владата ќе има двајца вицепремиери помалку.
Најголемите кадровски промени се во здравството и социјалната политика, ресори што преминуваат под раководство на ВМРО-ДПМНЕ. За министер за здравство е предложен досегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, додека Ѓоко Велковски е кандидат за министер за социјална политика, демографија и млади.
Досегашниот министер за локална самоуправа, Златко Перински, е предложен за директор на Фондот за здравствено осигурување, а неговото место во Владата треба да го преземе Иван Стоилковиќ како министер за локална самоуправа.
За министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите е предложен Ерџан Демир.
Со реконструкцијата се менува и распределбата на ресорите меѓу коалициските партнери. Коалицијата Вреди добива уште два значајни ресори. Во Министерството за правда, Јетон Шасивари ќе го наследи Игор Филков од ЗНАМ. А, пак, Министерството за култура и туризам би требало да го преземе Седат Сулејмани, досегашниот заменик на министерот Зоран Љутков.
Партијата ЗНАМ го доби Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а за министер е предложен Борче Серафимовски.
Предлог-составот на реконструираната Влада треба да биде доставен до Собранието на 3 јули, по што пратениците ќе расправаат и ќе гласаат за предложените измени.
Реконструкцијата предизвика и политички реакции. Од СДСМ оценија дека не станува збор за суштински реформи, туку за „козметичка промена“ со која само се прераспределуваат функциите, додека, според нив, клучните ресори и носителите на власта остануваат непроменети. Од ДУИ, пак, упатија критики кон коалицијата Вреди и ја доведоа во прашање нејзината позиција во владината коалиција.
ВМРО-ДПМНЕ направи и кадровски промени во партиските тела. За претседателка на Унијата на жени е избрана Марија Митева, а Тодор Коневски е нов претседател на Унијата на млади сили.
Аналитика








