ПОВЕЌЕ

    Муцунски од Шведска: Западен Балкан треба да остане во фокусот на Алијансата

    Време зa читање: 2 минути

    Западниот Балкан останува област во Европа во која постои сериозно злонамерно влијание од надворешни фактори и каде што сè уште постојат безбедносни ризици, па регионот и понатаму треба да биде во фокусот на НАТО. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, својот став го изнесе на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО, што се одржа во Хелсингборг, Шведска. Главни теми беа актуелните глобални безбедносни предизвици и подготовките за претстојниот самит на Алијансата во Анкара во јули годинава.

    Министерот Муцунски ги пренесе приоритетите и активностите на Владата во исполнувањето на заедничките обврски преземени на Самитот во Хаг, со посебен акцент на зајакнувањето на домашните капацитети и способности преку соодветно и зголемено финансирање на одбраната, со цел унапредување на придонесот на државата во колективните одбранбени напори на Алијансата.

    Министрите ја нагласија и потребата од натамошна модернизација на одбранбената индустрија и зајакнување на трансатлантската соработка, како клучни елементи за одвраќање и стабилност на Алијансата.

    Во делот за Украина, според соопштението од МНР, потврдена е континуираната поддршка и потребата од предвидлива помош, додека беа разгледани и состојбите во Јужното соседство и координацијата со Европската унија во справување со безбедносните предизвици.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично