
Иако голем дел од граѓаните веќе користат дигитални канали за плаќање, малите трговци во земјава и натаму во најголема мера се потпираат на готовината. Токму оваа неусогласеност меѓу навиките на потрошувачите и можностите на трговците претставува еден од најголемите предизвици за понатамошниот развој на платниот систем во државата.
На тоа предупреди вицегувернерот на Народната банка, Игор Величковски, на отворањето на работилницата „Премостување на јазот кај прифаќањето на електронските плаќања од страна на трговците: Форум на засегнатите страни за заклучоците и следните чекори“, организирана во соработка со Светската банка.
Според Величковски, земјава располага со солидна основа за развој на дигиталните плаќања. Дури 84 проценти од граѓаните имаат платежна сметка, а тројца од четворица корисници на платежни сметки веќе примиле или извршиле плаќања преку дигитални канали. Дополнително, интернет и мобилна мрежа покриваат повеќе од 90 проценти од територијата на државата.
Сепак, кај малите трговци сликата е поинаква. Повеќе од 90 проценти од плаќањата за стоки и услуги кај нив сѐ уште се реализираат во готовина. Во државата функционираат околу 36.000 уреди за прифаќање плаќања кај приближно 16.700 трговци, што укажува дека дигиталното прифаќање е концентрирано и нерамномерно распределено, особено кај помалите бизниси.
„Главното прашање не е дали граѓаните можат да плаќаат дигитално, туку дали малите трговци можат лесно да ги прифатат тие плаќања. Малите трговци сѐ уште ги сметаат електронските плаќања за скапи и сложени“, посочи Величковски.
Како решение, Народната банка гледа во воведувањето нови и поедноставни модели за прифаќање плаќања. Меѓу клучните чекори е воведувањето инстант плаќања до крајот на годината преку клонот на ТИПС, развиен од Банката на Италија за земјите од Западен Балкан, согласно одлуката на Европската централна банка.
Паралелно со тоа, се предвидува воведување национален интероперабилен QR-код што ќе може да го користат сите корисници на платежни услуги, без разлика на давателот на услугата. Во план се и плаќања преку едноставни идентификатори (алијаси), инстант потврди за трансакциите, развој на услугата „Барање за плаќање“, како и дополнително унапредување на мобилните апликации, вклучително и од небанкарските даватели на платежни услуги.
Според Величковски, токму овие решенија можат директно да одговорат на најчестите проблеми со кои се соочуваат малите трговци – високите трошоци за опремата, сложените процедури и ограничената флексибилност на постојните системи.
„Со овие услуги, прифаќањето дигитални плаќања може да стане едноставно како примање порака на телефон“, нагласи вицегувернерот.
Тој ја истакна и важноста на соработката со Светската банка во процесот на модернизација на платежната инфраструктура и приклучувањето кон СЕПА.
„Целта е јасна – секој мал трговец во земјава да има можност да прифаќа дигитални плаќања без препреки, високи трошоци и сложени системи“, порача Величковски.
Аналитика








