Зголемени приходи и повисока добивка е главната карактеристика на деловните активности реализирани од Макпетрол во првата половина од годинава. Од компанијата оценуваат дека работеле во можеби најтешките услови за енергетскиот сектор забележани во текот на последните години. Воените тензии на Блискиот Исток, наглиот раст на цените на нафтата и домашната регулатива сериозно го отежнале работењето, но и покрај тоа успеале да останат профитабилни.
Нето-добивката по оданочување достигна 8,5 милиони евра, што е за 13 насто повеќе од истиот период лани, кога изнесувала 7,5 милиони евра. Добивката пред оданочување е на нивото од 9 милиони евра, што претставува раст од 8,7 насто.
Во ова шестмесечие остварен е вкупен промет од 287,8 милиони евра. Во апсолутен износ зголемен е за 52,3 милиони евра, а процентуално за 22,2 насто на годишно ниво. Растот, според компанијата, е резултат на повисоките продажни цени на горивата, зголемените продадени количини и силниот раст на продажбата на млазно гориво.
На домашниот пазар се реализирани 92,3 отсто од приходите од продажба, додека 5,9 отсто доаѓаат од извоз, главно преку продажба на млазно гориво. Малопродажниот промет на нафтени деривати е зголемен за 1,2 насто, а продажбата на дополнителниот асортиман на бензинските станици пораснала за 13,7 насто. Тоа придонело приходите од малопродажба да се зголемат за 17,4 насто. Во големопродажбата, пак, е остварен раст од 55 насто, пред сè поради повисоката продажба на авионско гориво.
Расходите се зголемувале со речиси исто темпо како и приходите. Вкупните трошоци достигнале 278,8 милиони евра (+ 22,7 %). Најголем дел од растот во овој сегмент произлегува од повисоките набавни цени на горивата на светските пазари, но и од повисоките трошоци за плати поради растот на минималната плата.
Во образложението на резултатите, Макпетрол остро ја критикува домашната регулатива. Компанијата наведува дека за време на нафтената криза, која започнала во март поради ескалацијата на конфликтот меѓу САД и Иран и стравувањата за Ормутскиот теснец, Регулаторната комисија за енергетика донела методологија што ги принудувала трговците да продаваат гориво под набавна цена. Дополнително, компанијата реагира и на намалувањето на признатиот трошок за работа преку складови на 1,20 денари по литар, оценувајќи дека тоа дополнително го оптоварило секторот.
И покрај ваквите услови, од Макпетрол велат дека ја задржале стабилноста во снабдувањето со горива и лидерската позиција на домашниот пазар.
Во првите шест месеци од годинава компанијата инвестирала повеќе од 2,5 милиони евра во реконструкција и изградба на нови малопродажни и големопродажни објекти.
За вработените, во јуни биле распределени околу 3,2 милиони евра од добивката за 2025 година, а во јули им бил исплатен регрес за годишен одмор од 52.000 денари по вработен, за што компанијата издвоила дополнителни 1,9 милиони евра.
И покрај растот на добивката, Макпетрол посочува дека резултатот е под планираниот. Нето-добивката е за 18,5 отсто пониска од деловниот план, а главната причина, според компанијата, се енергетската криза и, како што наведува, неповолните регулаторни одлуки донесени во текот на годината. За второто полугодие очекува постепена стабилизација на светскиот и домашниот пазар на нафтени деривати.
M.A.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








