ПОВЕЌЕ

    „МАКЕДОНИЈАТУРИСТ“ СЕ ПРОДАВА НА ГОЛЕМО: 13 блок-трансакции, 46.835 акции, 9,6 милиони евра

    Време зa читање: 4 минути

    Сопственички удел од 10,35 проценти во „Македонијатурист“ стекнал(е) купувач(ите) на 46.835 обични акции. Реализирани се 13 блок-трансакции со вкупна вредност од 589.788.174 денари. Или, сѐ на сѐ 9,59 милиони евра.

    Седум од трансакциите се изведени по единечна цена за акција од 11.100 денари. Три по 9.500 денари. Кај еден од блоковите  цената е 11.000, а кај друг по 10.000 денари.

    Последно наведениот во информацијата на Македонска берза, тринаесеттиот, е врвот на денешните купопродажни активности. Акциите – 31.796 на број, односно секоја од нив е платена по 13.964 денари. А, сите заедно 443.999.344 денари. Во евра – 7,2 милиони. Обезбедуваат 7,03 проценти од основната главнина на „Македонијатурист“. Оваа цена, впрочем, е највисоката дадена за акцијата на „Македонијатурист“. На пример, денес на официјалниот пазар постигна просечни 9.955 денари.

    Првата трансакција од седумте во кои цената е 11.100 денари содржи 870 акции, кои носат удел од 0,19%. Платени се 9.665.700 денари (над 157 илјади евра).

    Најмалата количина од 490 акции, која обезбедува 0,11% чини 5.443.900 денари (88,5 илјади евра).

    Вкупната вредност на третиот блок е 26.908.420 денари (437,5 илјади евра). Толку пари се издвоени за 2.422 акции, односно за 0,54% од почетниот капитал.

    Нешто поголем е четвртиот блок. Има 2.680 акции и 0,59%, а за него се издвоени 29.774.800 денари или повеќе од 484 илјади евра.

    Петтиот обезбедува сопственост од 0,17% преку 787 акции кои чинат 8.743.570 денари (над 142 илјади евра).

    Следниот е со вредност од 8.376.940 денари (136,2 илјади евра). Содржи 754 акции кои претставуваат 0,17% од основната главнина.

    Седмата блок трансакција е направена со 1.300 обични акции. Уделот од 0,29% е платен со 14.443.000 денари (234,8 илјади евра).

    По 11.000 денари се пресметувале хартиите од вредност кои некому донеле 0,19% сопственост. Се работи за количина од 865 акции, чиј вкупен износ е 9.515.000 денари, односно 154,7 илјади евра.

    Во наредната трансакција цената за акција е 10.000 денари. Извршена е купопродажба на 1.406 акции за 14.060.000 денари (228,6 илјади евра). Со нив се стекнуваат 0,31%.

    Веќе споменавме, во три блока важи единечната цена од 9.500 денари за акција. Во тие рамки, 864 акции кои обезбедуваат удел од 0,19% се продадени за 8.208.000( денари 133,4 илјади евра).

    Содржината од 1.144 акции и сопственост од 0,25% чини 10.868.000 денари или 176,7 илјади евра.

    Третиот блок по оваа најниска цена има вредност од 13.841.500 денари, што е противвредност на 225 илјади евра. Тоа претставува 1.457 акции кои носат удел од 0,32 отсто.

    Познато е, номиналната вредност на акцијата издадена од „Македонијатурист“ е 25,56 евра.

    Инаку, во поглед на инвеститорските амбиции и залагања за стекнување што повисок сопственички процент во хотелско-угостителската компанија, овој месец почна исто како што заврши претходниот. Со таа разлика што тогаш во берзанската статистика беа заведени седум блок-трансакции и вкупен износ од 1,5 милиони евра.

    А, пак, тие уследија некој ден по јавната берзанска аукција кога големиот пакет од 44.449 акции беше продаден за 7,3 милиони евра, а го купија „Скопски пазар“ и „Современ дом“. Во врска со тоа, од „Македонијатурист“ има две објави, со кои се потврдува напредокот на „Скопски пазар“ во сопственичката структура, како и тоа дека Сава пензиски фонд повеќе нема акции..

    Првата вели:

    „Согласно член 38 став 1 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, известуваме дека акционерот Отворен задолжителен пезиски фонд Сава пензиски фонд, продаде 39.789 односно 8,80% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД и сега не поседува акции во Друштвото“.

    Содржината на другата информација е:

    „Согласно член 38 став 1 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, известуваме дека акционерот Скопски пазар акционерско друштво за услуги во прометот и трговијата увоз-извоз Скопје купи дополнителни 33.000 обични акции и сега поседува 78.230 односно 17,30% од вкупниот број обични акции издадени од Македонијатурист АД“.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично