Во организација на Ротари Клуб Скопје ИКС, во недела (14.06.2026) во Лабораториум од 12 до 18 часот, успешно се одржа настанот „Made by Hands“, кој на едно место обедини млади занаетчии, дизајнери, уметници, креативци и бројни посетители кои веруваат во вредноста на локалното творештво, одржливото производство и поддршката на младите претприемачи.
Настанот понуди уникатна можност посетителите директно да ги запознаат луѓето зад производите, да ги слушнат нивните приказни и да ги поддржат преку купување на нивните креации.
Меѓу изложувачите беа и Mini Green, кои преку своите биоактивни терариуми создаваат мали живи екосистеми затворени во стакло, Chvor Bags со своите рачно хеклани чанти од памучен текстил, како и Trafika, бренд кој преку дигитална илустрација внесува боја, хумор и креативност во секојдневните приказни.
Посетителите имаа можност да ја разгледаат и понудата на Epoxy и Julija Barbun, авторки кои преку епоксидна смола, природни материјали и диви цвеќиња создаваат уникатен накит и уметнички производи. Своите дела ги претставија и ИСКРА со своите рачно изработени еколошки свеќи од соин восок, како и Niche Wood Art, кои преку рачна обработка на дрво создаваат функционални и декоративни предмети за домот.
Настанот беше збогатен и со присуството на Партизанска Штампа, независен колектив кој повеќе од една деценија ја негува уметноста на сито-печатот, како и RED, бренд кој преку реупотреба на материјали создава уникатни модни и употребни производи, промовирајќи одржливост и креативност.
Посебно внимание привлече изложбата „The Fly Flies with Diamonds“ на авторката Марија Милошевска, која годинава одбележува 20 години творештво. Поставена во интимниот простор на галеријата во Лабораториум, изложбата понуди уникатно уметничко искуство кое преку филигранска работа, светлина и внимателно обликуван простор ги истражува темите на минливоста, трајноста и човечкото доживување.
Покрај изложбениот дел, посетителите уживаа во музичка програма, храна и пијалоци, создавајќи атмосфера која потсетуваше на урбан пикник и простор за дружење, размена на идеи и создавање нови познанства помеѓу креативците и јавноста.
„Made by Hands“ покажа дека во Македонија постои богата и разновидна креативна сцена исполнета со талентирани луѓе кои преку својата работа создаваат производи со висока додадена вредност, силен идентитет и автентична приказна. Истовремено, настанот потврди дека јавноста сè повеќе ги препознава и вреднува локалните производи, рачната изработка и одржливите форми на производство.
Ротари Клуб Скопје ИКС упатува искрена благодарност до сите изложувачи, посетители, партнери, поддржувачи и волонтери кои придонесоа „Made by Hands“ да стане место каде што се сретнаа креативноста и заедницата.
Успехот на настанот претставува дополнителен поттик за организирање на нови иницијативи кои ќе продолжат да ги поддржуваат младите креатори, локалното занаетчиство и развојот на креативната економија во Македонија.


Аналитика








