ПОВЕЌЕ

    КУПЕНИ 58,45% ОД СТОКОВНА КУЌА КОРЗО АД БИТОЛА: Кој платил 920.000 евра за фирма што носи добивка од 2.000 денари?

    Време зa читање: 2 минути

    Познат купувач платил 920 илјади евра купувајќи мнозински дел од 58,45 проценти од акциите на Стоковна куќа Корзо АД Битола. Блок-трансакцијата е пресметана по единечна цена за акција од 618,69 денари.

    Информацијата објавена на Македонска берза упатува на тоа дека предмет на купопродажба бил пакет од 91.452 обични акции. Во домашната валута, вредноста на трансакцијата е 56.580.438 денари.

    Од расположливите берзански податоци се гледа дека во последниот едногодишен период воопшто не се тргувало со оваа акција. Фирмата формирана во 1992 година има издадено вкупно 156.466 хартии од вредност.

    Станува збор за акционерско друштво регистрирано за производство, трговија на големо и мало и услуги. Се занимава со издавање и управување со сопствен недвижен имот или недвижен имот земен под закуп.

    Од податоците, пак, со кои располага Бизнис Мрежа, Стоковна куќа Корзо бележи минуси во работењето. Компанијата сѐ уште ги нема објавено резултатите за 2024, но тие од 2023 се послаби од претходните остварувања.

    Кај добивката има намалување од дури 86,45 проценти. А, сумите се минимални. Профитот на Стоковна куќа Корзо во 2023 изнесувал 2.184, а во 2022 година – 16.115 денари.

    Вкупните приходи реализирани преклани се во износ од 4.062.149 денари или над 66 илјади евра. И се за 21,49 отсто пониски од оние 84 илјади во 2022 година. Треба да се напомене дека овие бројки се постигнати во услови и на намалени трошоци за 21,28 проценти (од 83 илјади евра во 2022 на 65 илјади евра преклани).

    Информација за тоа кој преку оваа блок-трансакција станал мнозински сопственик на ова акционерско друштво, засега нема. Станува збор за неколкумина акционери, а Стоковна куќа Корзо е издавач, меѓу другото, и на просторот во кој е сместен „Веро“ во Битола.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично