ПОВЕЌЕ

    КРК ГО НАПЛАТУВА ТУШИРАЊЕТО НА ПЛАЖА: Кога е бесплатно никој не внимава на водата

    Време зa читање: 3 минути

    Нема повеќе бесплатно туширање на плажите на Крк. Причините за оваа промена, која ќе се воведе од први јуни, се еколошки – заштита на природата. За таа цел на туристите ќе им се наплатуваат по 20 центи за 30 секунди туширање, а сето тоа е фискализирано.

    Островот Крк има 20 илјади жители. Во текот на летната сезона доаѓаат уште најмалку 120 илјади туристи. Минатогодишното лето било лошо од аспект на водата. Недостигот во Истра наложил воведување рестрикции. Оттаму и потребата да се пристапи кон воведување на полезни и исплатливи мерки.

    Пресметките покажале дека потрошувачката на вода преку користењето тушеви на плажите е четири пати поголема кога таа услуга е бесплатна. Затоа и идејата не е нова. Обид за наплата, но безуспешен, бил направен и пред три години. Проблемот се јавил поради тоа што тогаш немало фискализирани тушеви. Сега и тоа е решено. Секој туш добива автомат за уфрлање ковани монети.

    Ставот на Градот Крк, пласиран во хрватските медиуми, е дека финансиски може да се поднесе бесплатното масовно туширање на туристите во текот на летото. Но, што се однесува до заштитата на природата, велат – „водата дојде до гуша“.

    Во тој контекст и одлуката на градскиот совет, која ќе се применува на шест тушеви лоцирани на градските плажи.

    Туристичките водичи го оправдуваат потегот. Наплатата ќе биде најнормална работа за странците – се нивните коментари. „Тие се научени на штедење и воопшто, многу внимаваат на природата. Насекаде во светот туризмот се наплаќа, па затоа тоа е нормално и тука. Искрено, не мислам дека се работи за некоја голема сума, а реално, ако е навистина поради еколошки, а не од економски причини, сметам дека е тоа сосема коректно“, ги пренесуваат изјавите тамошните медиуми.

    Животната средина ќе се заштити, потрошувачката на вода ќе се редуцира. Но, ќе има и прилив на пари во касата на Градот Крк. Математиките покажуваат: 120.000 туристи x 0,20 евро центи = 24.000 евра. Ова е минимумот. Односно се смета на најмалиот број туристи што може да се забележи во летната сезона, под претпоставка дека секој од нив само еднаш ќе искористи туш на некоја од плажите.

    Притоа, се наведува дека можеби ќе биде потребен и нов закон за туризам. Новите правила што ќе важат на островот Крк доаѓаат по неодамнешните мерки што ги воведе Сплит, а се однесуваат на јавниот ред и мир. Вториот по големина град во Хрватска, кој е исто така една од омилените туристички дестинаци, воведе казни. Со 300 евра ќе се казнува консумирањето алкохол на јавните површини, кои се на помалку од сто метри оддалечени од училишта и градинки, но и во А зоната која го опфаќа просторот на градот во внатрешноста на барокните бедеми изградени во 17 век; вршењето нужда, спиењето по паркови и плоштади; а исто и консумирањето храна на јавните површини, како и задржувањето во угостителските објекти по завршувањето на одреденото работно време. Казни од 300 евра ќе следуваат и за качување и седење на споменици и спомен плочи; за влегување, качување и капење во фонтани; за нудење и договарање такси услуги за превоз кој не е однапред договорен. Двојно пониски, односо казни од 150 евра ќе се наплатуваат за повраќање на јавните површини и доколку некој од туристите го прекрши правилото и низ улиците се шета во костум за капење. А, пак, гостите кои патуваат со своите кучиња, ќе мора милениците да ги водат на прошетка со поводец.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично