
Европската Унија направи важен чекор кон создавање на сопствена дигитална валута, проект што би можел значително да го промени начинот на плаќање во еврозоната и да ја намали зависноста од американските платежни гиганти „Виза“ и „Мастеркард“. Комитетот за економски и монетарни прашања на Европскиот парламент даде зелено светло за дигиталното евро, отворајќи го патот за финалните политички преговори што треба да завршат до крајот на годинава.
Зад иницијативата не стои само технолошка модернизација на европскиот финансиски систем. Во Брисел сè погласно се зборува за потребата Европа да ја зајакне својата финансиска независност во време на растечки геополитички тензии и неизвесни односи со САД. Според податоците на Европската централна банка, американските компании „Виза“ и „Мастеркард“ контролираат околу 61 отсто од плаќањата со картички во еврозоната и речиси сите прекугранични картични трансакции.
Дигиталното евро би функционирало како електронски паричник гарантиран од Европската централна банка, а на граѓаните би им овозможило плаќања и преку интернет и во физички продавници. За разлика од криптовалутите, станува збор за официјални пари на централната банка, целосно поддржани од ЕЦБ. Намерата не е да се заменат готовината или банкарските сметки, туку да се понуди дополнителен начин на плаќање.
Европската централна банка би ја обезбедувала основната инфраструктура, додека комерцијалните банки и финтек-компаниите би ги нуделе услугите до клиентите. Плаќањата треба да бидат бесплатни за граѓаните, а надоместоците за трговците да бидат пониски од сегашните трошоци за картичните трансакции.
Прашањето како ќе бидат надоместени банките и останатите учесници во системот останува едно од најчувствителните прашања во преговорите. Европската централна банка проценува дека воспоставувањето на системот би чинело меѓу четири и шест милијарди евра во период од четири години.
За да се спречи масовно префрлање на пари од банкарските сметки во дигитални евра, европратениците предложија ограничување на износот што секој граѓанин ќе може да го чува во дигитален паричник. Конечната граница сè уште не е утврдена, но според симулациите на ЕЦБ, лимит од 3.000 евра по лице би можел да доведе до повлекување дури 699 милијарди евра од банките во еврозоната.
Дополнителна гаранција е што дигиталното евро нема да носи камата, со што нема да претставува директна конкуренција на класичните банкарски депозити. На компаниите, пак, нема да им биде дозволено да задржуваат дигитални евра подолго од 24 часа.
Европската централна банка најавува дека во втората половина на следната година ќе започне едногодишен пилот-проект, а доколку сите процедури поминат според планот, дигиталното евро би можело да стане реалност во 2029 година.
Додека Европа го забрзува проектот, глобалната трка за дигитални валути веќе е во тек. Кина одамна го тестира дигиталниот јуан на големо ниво, Русија најави дека дигиталната рубља ќе стане оперативна во септември 2026 година, а Индија и Бразил исто така спроведуваат пилот-програми. САД засега имаат поинаков пристап. Администрацијата на Доналд Трамп ги запре плановите за дигитален долар и се насочи кон поддршка на приватно издадени стабилни криптовалути поврзани со американскиот долар.
Токму затоа, за многумина во Европа дигиталното евро не е само нов начин на плаќање, туку и стратешки проект со кој Унијата сака да покаже дека може самостојно да ја контролира својата финансиска иднина во сè понеизвесниот глобален економски поредок.
Аналитика








