ПОВЕЌЕ

    КОЛКАВ СОЛИДАРЕН ДАНОК ЌЕ ПЛАТАТ НАЈГОЛЕМИТЕ БАНКИ?: „ПАРИ“ направи симулација, резултатот ќе ве изненади

    Време зa читање: 6 минути

    Уште кога се најави солидарниот данок, првата асоцијација беа големите добивки на банките. „Пари“ направи симулација, колкав солидарен данок ќе платат банките врз основа на Предлог-законот за данок на солидарност.  Врз основа на билансите на успех (достапни на Берзата, или на официјалните страници на банките) не може да се направи точна пресметка, но сепак, со помош на данокот на добивка може да се открие основицата за пресметување на данокот на добивка, а таа основица е пресудна и во математиките за солидарниот данок.

    Нашите пресметки покажуваат дека од четирите банки, кои според активата влегуваат во групата големи: Комерцијална, Стопанска, НЛБ банка и Халк банка – во солидарната каса ќе влезат нула евра! Во групата големи е и Шпаркасе банка, но таа во 2021 година се спои со Охридска банка, па нормално е да се спојат и добивките, па износот е неспоредлив со претходните години.

    Математиката што покажува нула солидарен данок од големите банки произлегува од предложениот закон, според кој солидарниот данок е 30 проценти, а се плаќа на екстра профитот. Под екстра профит се смета се она што е над разликата меѓу основица за пресметка на данокот на добивка во 2022 година, изразена во Даночниот биланс и износот на просекот на основиците од 2018, 2019 и 2021 година, кој е зголемен за 20 проценти. Законодавецот остава простор, доколку е поповолно за даночниот обврзник да го утврди просекот за 2021 и 2022, а потоа да споредува со просекот од 2017, 2018 и 2019 година, исто така зголемен за 20 проценти. Ова зголемување од 20 проценти е да се остави на фирмата, или во конкретниот случај на банките, простор за поголем приход и добивка кои нема да се сметаат за екстра профит поради зголемите цени (и парите имаат своја цена), како и поради евентуалниот раст на фирмата, односно на банката поради одредени вложувања. Како исклучително тешка година за правење профит, се иззема 2020 година.

    Комерцијална банка нема да плати солидарен данок

    За 2022 година, пресметаниот данок на добивка на Комерцијална банка е 2,71 милион евра, а бидејќи тој е 10 проценти, значи дека основицата за пресметка е 27,1 милион евра. Во недостиг на податокот од Даночен биланс, ова е претпоставка од која може да има отстапување, затоа што и по пресметаните 10 проценти може да има намалување на самиот данок за за одредени ставки како, на пример, за дадена донација, но ние во Билансот на успехот го гледаме конечниот износ на данокот на добивка.  Сепак, со оглед на тоа што тие износи се малубројни и поретки, си дозволуваме да ја направиме симулацијата занамарувајќи го евентуалното намалување.

    На ист начин дојдовме до просекот на основиците за данокот на добивка за 2018, 2019 и 2021 година, и нивниот просек е 32,8 милиони евра. Значи, овој просек, и без да го зголемуваме за 20 проценти, е поголем од даночната основица во 2022 година и Комерцијална банка нема да плати солидарен данок.

     Ниту Стопанска банка

    Пресметаниот данок на добивка за 2022 година кај Стопанска банка е 2,85 милиони евра, па основицата, според нашата симулација, е 28,5 милиони евра. Просекот на основицата за 2018, 2019 и 2021 година е 46,54 милиони евра. Значи, овој просек е далеку поголем од ланската основица, па според пресметката, ни Стопанска банка нема да плати ни денар за солидарен данок.

    НЛБ банка ќе ја нема меѓу плаќачите

     Со даночна основица од 40 милиони евра во 2022 година, би се добил данок на добивка од четири милиони евра, колкав што е наведен во Билансот на успех на НЛБ банка за минатата година. Просекот на даночната основица за 2018, 2019 и 2021 година е 35,6 милиони евра. Овде имаме поголема даночна основа за 2022 и според регулативата, од неа треба да се извади овој просек, но зголемен за 20 проценти. Со зголемување на 35,6 милиони евра за 20 проценти, пак, се добива поголем износ од 40 милиони евра, па и оваа математика покажува дека и НЛБ банка нема да плати солидарен данок.

     И Халк банка ќе изостане од списокот

     Според консолидираните извештаи за работењето на Халк банка објавени на незјината официјална страна, Банката има данок на добивка од 936.780 евра за 2022 година, за 2021 – 767 илјади евра, за 2019 – 1,27 милиони евра и за 2018 – 1,17 милиони евра. И во овој случај математиките покажуваат дека даночната основа за минатата година (9,4 милиони евра) е помала од просекот од трите години (10,7 милиони евра), па според тоа нема ни плаќање на солидарен данок.

    Каде е формулата во законот?

    Предлог законот за данок на солидарност предложен од Министерството за финансии, предвидува воведување данок за солидарност за 2023 година како еднократна, вонредна и времена јавна давачка. Притоа, обврзник за плаќање на овој вид данок е обврзникот на данокот на добивка, согласно Законот за данокот на добивка, кој во 2022 година остварил вкупен приход поголем од 615.000.000 денари.

    „Даночната основа за данокот за солидарност се пресметува на начин што од износот на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2022 година (АОП 49), се одзема просечниот износ на даночна основа по намалување утврдена во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди од став (3) на овој член зголемен за 20%.

    Доколку е поповолно за даночниот обврзник, даночната основа за данокот за солидарност може да се пресметува на начин што од просечниот износ на даночната основа по намалување утврдена во даночниот биланс за оданочување на добивката за 2021 и за 2022 година, се одзема просечниот износ на даночна основа по намалување утврден во даночните биланси за оданочување на добивка за претходните периоди од став (4) на овој член зголемен за 20%.

    Претходни периоди од став (1) на овој член се периодите од 2018, 2019 и 2021 година.

    Претходни периоди од став (2) на овој член се периодите од 2017, 2018 и 2019 година“, пишува во Предлог – законот за солидарност.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично