ПОВЕЌЕ

    КОЈ ЌЕ ДОБИЕ КРЕДИТ Е ОДЛУКА НА БАНКИТЕ, НО ПАРИТЕ ОД УНГАРСКИОТ ЗАЕМ НЕ МОЖЕ да се користат за рефинансирање

    Време зa читање: 2 минути

    До банките, од страна на Развојната банка е доставен рамковниот договор според кој ќе се раководат во одобрувањето средства од унгарскиот заем, информираат од Македонската банкарска асоцијација. По верификацијата на овој документ, стопанството ќе ги добие парите по поволни услови. Но, не ќе можат да ги користат за рефинансирање, нагласи министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

    „Македонската банкарска асоцијација ја известува јавноста дека Развојната банка на Република Северна Македонија денес официјално го достави Рамковниот договор за учество во кредитната линија за финансирање на инвестиции и развој на приватни трговски друштва до сите комерцијални банки во земјата“, се вели во соопштението.

    Притоа, се додава дека банките ќе ги потпишуваат договорите со Развојната банка во согласност со нивните интерни процедури. „По склучувањето на договорите, средствата од унгарската кредитна линија ќе бидат ставени на располагање на идните корисници“, велат од МБА.

    Рефинансирање со парите од овој заем не е можно, а тоа е пропишано и со договорите, децидна е министерката за финансии. Инаку, одлуката за тоа кои проекти ќе се финансираат е исклучиво на банките. Државата нема да се меша, туку само може да добие информација на кои сектори им приприпаѓаат селектираните проекти.

    „Државата може да добие само информација која компанија од која индустрија добила, со цел да направиме анализа од кои сектори во иднина може да очекуваме дека ќе дадат позитивни резултати за целокупната економија. Ризикот е кај банките. Тие одлучуваат на кого ќе дадат кредит и дали тие компании имаат издржани планови. Државата не презема ризик“.

    Условите за користење на парите од унгарскиот заем се каматна стапка од 1,95 проценти, грејс период од три и рок на отплата до 15 години. За проектите може да се добијат максимум десет милиони евра, а потребно е учество од 20 проценти.

    Кредитот, од кои се дел овие 250 милиони евра наменети за инвестиции во стопанството, е добиен со камата од 3,25 проценти, кои ќе ги плаќаат даночните обврзници. Во преговорите што ги водеше за пласманот на овие средства, Владата постигна договор со банките да направат отстапка. Па, така и се дојде до тие 1,95 проценти.

    Во дистрибуцијата на средствата од оваа кредитна линија вклучени се сите 13 банки.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично