ПОВЕЌЕ

    Кажи нешто, за да те видам!

    Време зa читање: 4 минути

    Сократ рекол „кажи нешто, за да те видам“!

    Дали мислите дека Сократ направил грешка или мислел нешто метафорично?! Нормално дека не направил грешка, туку сака да даде значење на тоа дека карактерот на еден човек повеќе се рефлектира и покажува преку телото/лицето отколку преку зборувањето/зборовите.

    Во секој случај, сме пишувале и порано за значењето на говорот на тело и сигналите кои ги испраќаме или ги примаме, но секогаш вреди да се вратиме на оваа многу важна тема од областа на ефективната комуникација.

    Од каде потекнува овој исказ на Сократ и колку навистина влијаат зборовите или сигналите во комуникацијата и нашето меѓусебно разбирање!? Психологијата вели, за да испратите некому една (нај)точна порака, вие треба да ги користите 3-те основни типови на комуникација: збор (пишан), тон (вербален) и тело (сигнали). Но, разликата кај сите овие типови е во процентуалното учество т.е. влијанието на секоја од нив во точно и правилно пренесување на пораката. Бројките се следниве:

    • Пишан (збор) = 8 %
    • Вербален (тон) = 34 %
    • Тело (сигнали) = 58 %

    Според комуниколозите и психолозите, дури и тонот на гласот влегува во говор на тело. Што може да кажеме дека, при пренесување на една најточна порака повеќе од 90 % отпаѓа на сигналите што ги испраќаме, а само 10 % зборот или содржината на тоа што го кажуваме. Бидејќи толку мал процент се однесува на зборовите, затоа ние луѓето многу лесно лажеме. Инаку, анализите велат дека 90 % од нас, лажеме по минимум 200 пати на ден. Чисто, да го разјаснам ова, прашањето на кое сите највеќе лажеме е „како си?“. Што значи дека под лажење се зема предвид и т.н. бели лаги.

    Но, да се вратиме на говорот на телото. Многу е тешко преку еден ваков текст да се и да се објасни и да се влезе во деталите, а најмалку па да се научат да се толкуваат сигналите. За тоа ви е потребно многу повеќе знаење, читање, работа и тренинг. Затоа, јас само сакам да ве информирам (за оние кои помалку знаат околу оваа тема) и ве мотивирам повеќе да се ангажирате и да дадете акцент на следење/читање на сигналите што ги испраќаме и ги примаме.

    Инаку, во однос на сигналите, односно говорот на тело, основните елементи што ги сочинуваат се:

    • Лице: сè она што се случува на лицето. Генерално, основните емоции и сигнали ги „фаќаме” (тага, лутина, радост, збунетост итн.). Но, она што ќе ве одвои од другите, и помогне да се разберете подобро со другите е, ако почнете да ги „фаќате” и малите, поситни сигнали и гестикулации што постојат.
    • Фигура: тело, став, држење, облека, накит, фризура, шминка, сето тоа комуницира нешто. Како сме облечени, каков накит имаме ставено (дали елегантно ланче или некој нападен златен дебел ланец), дали имаме сигурен став или уплашен итн. Сето тоа испраќа некаква порака.
    • Фокус (очи): кралицата во говорот на тело. Преку очите се гледа сè. Како викаат старите! Преку очите може да ја видите вистината, очите се огледало на душата, преку очите гледате дали некој лаже или не итн. Со очи флертувате, заведувате и комуницирате со луѓето, а нема потреба да изустите ниту еден збор.
    • Територија: сите ние имаме свое невидливо интимно поле (50 см). Не ми влегувај, не ти влегувам е правилото. Ако некогаш сте му рекле на некој колега „колега, те молам не ми диши во врат” тоа значи дека ви влегол во интимното поле, а тоа вие не го сакате. Секое повлекување или напад кон некому е дел од сигналите и пораката што ја испраќате.
    • Тон: гласно, тивко, драматично, уплашено, сè тоа дава различно значење на зборовите што ги кажувате. Ако некому кажете, „леле колку сум среќен за тебе”, а притоа гласот ви е монотон и тивок, тоа значи дека не сте баш многу среќни за таа личност.
    • Време: во драматургијата ова го нарекуваат „драмска пауза“. Тоа значи, објаснувате нешто на соговорникот, оставате малку време (пауза) да испроцесира и потоа го давате заклучокот. Ако не направите пауза, тогаш вашата поента може и да не биде сфатена како што сакате од страна на соговорникот.

    Мојот совет е, заменете го нашиот најкористен комуникациски орган – устата, со нашиот најзначаен комуникациски орган – очите!

     

    Со успех во промените,

    Петар Лазаров

    Член на тимот
    МАКЕДОНИЈА-ЕКСПОРТ Консалтинг
    www.macedonia-export.com

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично