ПОВЕЌЕ

    „ЈАС СКЛУЧУВАМ ДОГОВОРИ“: Украина постигна договор со Трамп за експлоатација на ретки минерали, а за возврат добива – право да се бори

    Време зa читање: 4 минути

    „Тоа е она што јас го работам. Јас склучувам договори“, рече Доналд Трамп на неговата прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот. „Целиот мој живот е договори“.

    Сега, според информациите кои протекоа во некои од светските медиуми доцна синоќа од украинските официјални лица, американскиот претседател Доналд Трамп направил договор за ретките минерали со Украина. Трамп предложи и Зеленски да го посети Вашингтон во петок за да го потпише договорот.

    Неофицијалниот украински дипломатски извор за БиБиСи потврдил дека САД и Украина ги договориле условите за договорот за минерали. Тој содржи „голем број добри амандмани“, изјави претставникот за Би-Би-Си, иако деталите за тоа што е вклучено во ревидираниот нацрт остануваат нејасни.

    Запрашан што добива Украина во замена, Трамп рече: „Право да се бори понатаму“.

    Украинските власти велат дека новиот договор е многу поповолен за земјата, а Киев го гледа „како добар исход“.

    Иако текстот нема експлицитни безбедносни гаранции, официјалните лица тврдеа дека преговарале за многу поповолни услови и го опишаа договорот како начин за проширување на односите со САД за да се зајакнат изгледите на Украина по три години војна. „Договорот за минерали е само дел од сликата. Слушнавме повеќе пати од американската администрација дека тоа е дел од поголема слика“, изјави за „Фајненшл тајмс“ Олха Стефанишина, заменик-премиер и министер за правда на Украина, кој ги водеше преговорите.

    Според извештаите на медиумите, ревидираната верзија на документот се чини дека го намалила барањето на САД да добијат 500 милијарди долари потенцијален приход од искористување на украинските природни ресурси. САД нема да имаат целосна контрола врз фондот што ќе се формира како дел од овој договор, но се очекува американската страна да има приоритетен глас при донесувањето на одлуките.

    Се очекува Украина да учествува со 50% од приходите од своите минерални ресурси, вклучувајќи нафта и гас. Наводно, САД ќе имаат финансиски обврски за поддршка на Украина, но таа сума ќе биде договорена подоцна.

    Во новата верзија, сепак, не е прецизирано какви безбедносни гаранции ќе му бидат понудени на Киев. Украинските власти се надеваат дека ќе можат да разговараат за ова прашање посебно за време на посетата на Вашингтон наскоро кога се очекува да биде потпишан овој договор.

    Многу понеповолните услови на оригиналниот нацрт-договор – кои Трамп ги претстави како средство Украина да им исплати на САД за воена и финансиска помош по целосната инвазија на Русија во 2022 година – предизвика бес во Киев и другите европски метрополи.

    Откако Зеленски го отфрли првичниот текст минатата недела, Трамп го нарече „диктатор“ и изгледаше дека ја обвини Украина за започнување на војната.

    Конечната верзија на договорот, од 24 февруари и видена од ФТ, ќе формира фонд во кој Украина ќе учествува со 50 отсто од приходите од „идната монетизација“ на државните минерални ресурси, вклучително и нафта и гас и поврзаната логистика. Фондот ќе инвестира во проекти во Украина.

    Тој ги исклучува минералните ресурси кои веќе придонесуваат во касата на украинската влада, што значи дека нема да ги покрие постојните активности на Нафтогас или Укрнафта, најголемите производители на гас и нафта во Украина.

    Првичниот сеопфатен предлог на администрацијата на Трамп бараше инвестициски фонд за реконструкција во кој САД „одржуваат 100 отсто финансиски интерес“. Украина требаше да учествува со 50 отсто од приходите на фондот од екстракција на минерални ресурси, вклучувајќи нафта и гас и придружната инфраструктура, до максимум 500 милијарди долари.

    Тие услови, опишани како неприфатливи од украинските власти, се отстранети од конечниот нацрт.

    Мандатот на фондот да инвестира во Украина е дополнителна промена што Киев ја бараше. Во документот се наведува дека САД ќе го поддржат економскиот развој на Украина во иднина.

    Украинските власти додадоа дека договорот е само „рамковен договор“ и дека ниту еден приход нема да се смени додека не се воспостави фондот, што ќе им овозможи време да ги надминат сите потенцијални несогласувања. Меѓу отворените прашања е да се договори јурисдикцијата на договорот.

    Владата на Зеленски, исто така, ќе мора да побара одобрение од украинскиот парламент, каде опозициските пратеници сигнализираа дека во најмала рака ќе имаат жестока дебата пред да го ратификуваат таквиот договор, наведува Фајненшел Тајмс во својот извештај.

    Каролин Левит, прес-секретарот на Белата куќа, во вторникот рече дека е „критично што овој договор е потпишан“, иако таа не даде ажурирање за разговорите.

    (Фото: Ал Џазира)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично